БАБЕ, ФАЛА ТИ ЗА ДРУГАРСТВОТО И ЗА СЀ ШТО ДАДЕ ЗА КУЛТУРАТА ВО МАКЕДОНИЈА, РЕКОА БЛИСКИТЕ НА ИЛИНДЕНКА ПЕТРУШЕВА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО КИНОТЕКАТА

    БАБЕ, ФАЛА ТИ ЗА ДРУГАРСТВОТО И ЗА СЀ ШТО ДАДЕ ЗА КУЛТУРАТА ВО МАКЕДОНИЈА, РЕКОА БЛИСКИТЕ НА ИЛИНДЕНКА ПЕТРУШЕВА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО КИНОТЕКАТАСинот на Петрушева, Бранд Ферро, и Русе Арсов на денешната комеморација во Кинотеката. (Фото: СДК.МК)

    Илинденка Петрушева беше македонски филмски академик, извонреден филмолог, извореден човек, пред сѐ, голем другар, рекоа за неа најблиското семејство, пријатели и соработници на денешната комеморација во Кинотеката. Филмологот и филмска критичарка Петрушева почина на 5 септември во  Скопје, на 81 година.

    Школувана во Скопје и Загреб, Петрушева е една од основачите на Кинотеката на Македонија во 1974, каде работеше до пензионирањето како како советничка-филмолог. Во периодот од февруари 1999 до август 2001 беше за советничка на министерот за култура за кинематографска и драмска дејност.

    Емотивно, со најголеми пиетети за големата душа на Илинденка, која сите си ја ословуваа со Илинка, Бабе или Мајке, сеќавања за неа споделија нејзиниот син, кинематограферот Бранд Ферро, филмологот Атанас Чупоски, режисерите Борис Дамовски и Столе Попов и продуцентот Русе Арсов.

    „Илинка ни втемели многу високи етички вредности во семејството, дури и кај внуките. Добивме воспитување кое не е баш за ова време, меѓутоа за вечно време е. Нѐ научи дека верата е да се верува во добро, верата и културата е да се има добра и позитивна мисла, така и функционираше. Живееше, говореше и пишуваше од срце, и тоа ни го втемели. Многу сме ѝ благодарни, тешко се живее со такви норми, меѓутоа многу беше свесна. Доаѓа од семејство на социјаланархисти, таа толку се даде во културата. Знам со колкава љубов и ентузијазам градеа различни форми за подигање на културата. Бабе, така те велевме, бабе Иле, последните 30 години во поблиската фамилија, велевме бабе Иле е царица, си премина со многу млад дух, секогаш се потпираше, беше опкружена и блиска со многу луѓе кои беа млади по дух. Фала ти за сите фестивали по кои нѐ м’кнеше, нѐ броеше на железнички станици, ни овозможи да преспиеме во Пулската арена како клинци и ни овозможи неконвенционални учители и непроспиени ноќи. Бабе, да ти е светол патот, знам дека си во добри раце и дека нема да престанеш со градење на културата. Нѐ задолжи и ние ќе продолжиме“, рече Ферро.

    Чупоски, советник-филмолог во Кинотеката, рече дека Петрушева е меѓу тројцата потписници на основачкиот акт на Кинотеката на Македонија, работела од првиот ден на институцијата до пензионирањето во 2009. Била и меѓу иницијаторите за основање на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и меѓу основачите на филмските фестивали Македокс и Астерфест.

    „Врвен ерудит, жена која го познаваше животот, пред сè извонреден човек, добар човек. Филмот го знаеше во малиот прст, од неа ги научивме големите ремек-дела, ги знаеше опусите на режисерите, посебно и беа драги шпанската и латиноамериканската кинематографија, одлично го познаваше и документарниот филм. Скромна, не патеше од признанија, но секогаш подготвена да помогне. Како почетници во филмологијата, суптилно ни укажувше на грешките и интерно ја нарекуваавме Класната, но не со страв, туку затоа што ја сметавме за авторитет од кој секогаш можевме да учиме“, рече Чупоски.

    „Секогаш кога имав потреба да чујам искрено мислење, на кое бескрајно му верував, тоа беше мислењето на Илинка“, рече Попов. (Фото: СДК.МК)

    За Попов, Петрушева е најминуциозен познавач на филмот, од сите негови аспекти и со филигранско чувство.

    „Ако некој сестрано го познаваше филмот како феномен, како уметност, како филозофија животна, како еден голем, бескраен сон, тоа беше Илинка. Ја чувствував навистина како голем, личен пријател, како другарка од детството, иако во раното детство не се познававме. Се познававме од раната младост, кога престојував во Белград, од студиите и моите први филмови. И секогаш кога имав потреба да чујам искрено мислење, на кое бескрајно му верував, тоа беше мислењето на Илинка“ рече Попов, а Дамовски кажа дека беше жена со заразен оптимизам и енергија рамна на далновод.

    „Секој разговор со неа, нејзината неверојатна меморија за настаните, луѓето, времињата, инспирираа приказни“, рече Дамовски.

    Арсов кажа дека  дека ја чувствувал како мајка од која многу научил и имал убави разговори со неа, меѓу кои и последниот што го имал, рече, „неколку дена пред да реши да нè напушти … иако беше најубава како секогаш, полна со енергија и со креативен набој“.

    „Разговаравме за работа, што се случува со Младинскиот културен центар, каде што таа беше првиот уредник во МКЦ од каде заминува во Кинотеката и таму го продолжува животниот пат. Илинка беше, пред сè, наш другар и нашата мајка, најголем сооборец на независната сцена, жена која преку културата успеа да нè научи да се сака Македонија“, кажа Арсов.

    Петрушева во Кинотеката работеше на повеќе истражувачки проекти од историјата и теоријата на филмот во Македонија и долги години беше уредничка на Кинотечен месечник, како и главна уредничка на списанието за историја и теорија на филмот „Кинопис“. Има објавено преку 300 рецензии, осврти, коментари, а објавувала и во специјализирани филмски списанија во Франција, Австрија, Турција, Русија, Југославија, Хрватска, Словенија, Бугарија.

    Ги објави делата Филмолошка библиографија 1944-1954 (Кинотека на Македонија, Скопје 1991) и Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000 (Кино-сојуз на Македонија, Скопје 2000), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011). Во 2015 година ја објави книгата „Само сонот е стварност“, а во 2022 книгата „Старите кина (киноприкажувањето во Македонија 1897-1954)“.

    Од 1972 беше првата уредничка на филмската редакција во Домот на младите „25 Мај“, сегашен Младински културен центар (МКЦ). Беше претседателка на Кино-сојузот на Македонија, од 1977-1979 генерална секретарка на Сојузот на филмските критичари на СФР Југославија како и членка на Меѓународна федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Таа е една од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола и добитничка на наградата Златен објектив на Кинотеката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира