Делови од Струга се без вода и после санацијата на дефектот на главната цевка во водоводната мрежа. Жителите од погорните спратови на станбените згради немаат ни капка вода.
„Проблемот не е решен, ние на четврти и петти кат немаме капка вода“, „И после осум часа од објавата, на улицата ЈНА на четврти кат ниту капка не капна до моментов“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Проблемот со водоснабдувањето во Струга трае повеќе од една недела. Од JП „Водовод и канализација-Струга“ не одговорија на нашите повици, но на фејсбук страницата на претпријатието директорот Дашмир Насуфи се пофали дека проблемот е решен по неколкучасовна санација на главната цевка. Во неговата реакција се вели дека вината што Струга е оставена без вода е на Државното претпријатие за управување со води.
„Струга остана без вода за пиење, не по вина на јавното претпријатие кое јас го раководам, туку како последица на оштетување на главната цевка од страна на Државното претпријатие за управување со води. Неприфатливо е што претставниците на централната власт, наместо да им се извинаат на граѓаните за овој скандал, се обидуваат да ја префрлат вината со тоа што неосновано го обвинуваат јавното комунално претпријатие ‘Водовод и канализација-Струга‘“, се наведува во објавата.
Стружани скоро секоја година во текот на летото се соочуваат со проблем со водоснабдувањето, но ова е првпат да нема вода во септември.
„Поради неодговорното работење на локалните власти, застарената инфраструктура и немањето одговорност, секоја летна сезона градот на две води се соочува со сериозен недостиг на вода. Голготата на стружани оваа година се пролонгира и по завршувањето на летната сезона, додека од локалната власт предводена од Мерко нема никакви одговори“, обвинија од Левица.
С. ВРЕНЦОВСКА