Човечки череп стар милион години пронајден во Кина сугерира дека нашиот вид хомо сапиенс почнал да се појавува најмалку половина милион години порано одошто се мислеше, тврдат истражувачите во нова студија. Тоа исто така покажува дека коегзистирал со други сродни видови, вклучувајќи ги и неандерталците, многу подолго отколку што се веруваше.
Научниците тврдат дека нивната анализа целосно го менува нашето разбирање за човечката еволуција и ако е точна, сигурно би преработила клучно рано поглавје од нашата историја. Други експерти од оваа област велат дека заклучоците од новата студија се веродостојни, но далеку од сигурни.
Откритието, објавено во водечкото научно списание „Наука“, го шокираше истражувачкиот тим, во кој учествуваа научници од универзитет во Кина и Природонаучниот музеј во Лондон.
„Од самиот почеток кога го добивме резултатот, мислевме дека е неверојатно. Како може да биде толку длабоко во минатото? Но, го тестиравме одново и одново со сите модели и методи и сега сме сигурни во резултатот“, рече професорот Шјиџун Ни од Универзитетот Фудан, кој беше еден од раководителите на анализата.
Кога научниците го пронајдоа черепот, тие поради неговата старост претпоставија дека му припаѓа на друг наш предок, хомо еректус, првите луѓе со голем мозок. Хомо еректус еволуирал и почнал да се раздвојува во неандерталци и хомо сапиенс пред 600.000 години. Но, новата анализа на черепот сугерира дека тоа не е хомо еректус.
Сега се смета дека станува збор за рана верзија на хомо лонги, вид со слични нивоа на развој како неандерталци и хомо сапиенс. Генетските докази сугерираат дека постоел покрај нив.
„Оваа изненадувачка анализа драматично ја помести временската рамка на еволуцијата на луѓето со голем мозок наназад за најмалку половина милион години“, вели професорот Крис Стрингер од Природонаучниот музеј во Лондон.
Тој смета дека некаде на нашата планета веројатно има милион години стари фосили на хомо сапиенс, само што сè уште не сме ги пронашле. Најраните познати докази за раниот хомо сапиенс во Африка датираат од пред 300.000 години, па затоа е примамливо да се заклучи дека нашиот вид можеби еволуирал прво во Азија, вели Стрингер.