ЕУ БАРА ПРАВНА ДУПКА ЗА ДА ГО ЗАОБИКОЛИ ВЕТОТО НА ОРБАН И ДА Ѝ ПОЗАЈМИ 140 МИЛИЈАРДИ ЕВРА РУСКИ ПАРИ НА УКРАИНА

    ЕУ БАРА ПРАВНА ДУПКА ЗА ДА ГО ЗАОБИКОЛИ ВЕТОТО НА ОРБАН И ДА Ѝ ПОЗАЈМИ 140 МИЛИЈАРДИ ЕВРА РУСКИ ПАРИ НА УКРАИНАПравните експерти на ЕУ работат на шема која ќе овозможи одлуката за предложениот „Заем за репарации“ за Украина да се донесе со квалификувано мнозинство, место со едногласна одлука. - Виктор Орбан (Фото: Икс)

    Европската Унија се обидува да најде правен механизам со кој ќе го заобиколи очекуваното вето од Унгарија за планот да се запленат 140 милијарди евра од санкционираните руски средства и да ѝ се позајмат на Украина. Европската комисија смета дека нашла начин да ја исклучи Унгарија од процесот на одлучување, иако унгарскиот премиер Виктор Орбан важи за најблизок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ.

    Вообичаено, за ваква мерка е потребна едногласна одлука од сите 27 земји-членки, што на Орбан му дава право на вето. Сепак, правните експерти на ЕУ работат на шема која ќе овозможи одлуката за предложениот „Заем за репарации“ за Украина да се донесе со квалификувано мнозинство.

    Според извори на „Политико“ од Брисел, Комисијата се надева дека ќе ја темели својата акција на заклучоците на Европскиот совет од 19 декември минатата година, кои ги прифатиле сите лидери на ЕУ, вклучително и Орбан. Во таа изјава, лидерите се согласија дека „руските средства треба да останат имобилизирани сè додека Русија не ја прекине својата агресивна војна против Украина и не ја надомести штетата предизвикана од оваа војна“.

    Новиот аргумент на Комисијата е дека оваа изјава дава доволно покритие за да се сменат правилата за санкции од едногласност на квалификувано мнозинство. За тоа да успее, повеќето или сите останати земји ќе мора да се согласат.

    Планот, сепак, се соочува и со други пречки. Покрај Унгарија, и други земји-членки, како Словачка, би можеле да се спротивстават. Проблем претставува и Белгија, каде што во банката „Еуроклиар“ се чува најголемиот дел од замрзнатите руски средства. Белгиската влада изрази загриженост дека овој потег би можел да ја изложи земјата и банката на правна одмазда од Москва.

    „Да ги земеме парите на Путин и да ги оставиме ризиците кај нас. Тоа нема да се случи“, изјави белгискиот премиер Барт Де Вевер, кој сепак додаде дека е подготвен да разговара за ова прашање.

    Планот на Комисијата има силна поддршка од Германија, Шпанија, Полска и балтичките земји, додека Франција и Италија претходно беа претпазливи.
    Лидерите на ЕУ ќе се состанат следната недела во Копенхаген, каде што се планирани разговори за заемот, но формална одлука се очекува на самитот на крајот на октомври. Целта е да се собере доволна поддршка од другите земји за да се изолира Орбан. Во спротивно, ветото од Будимпешта би значело дека руските пари би можеле да ѝ бидат вратени на Москва, а европските престолнини да останат одговорни за враќање на заемот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира