Оглас објавен на вработување.мк на кој скопска фирма за работното место финансиски менаџер бара исклучиво млади жени на возраст од 24-40 години, жени кои немаат деца, не планираат да имаат или кои се без новороденчиња, како и жени кои не се на студии, е прогласен за дискриминирачки откако жена го пријавила во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Таа во претставката се побунила и во име на мажите, зашто се дискриминирани и воопшто не смеат да се пријават на огласот, па случајот го добила и по тој основ.
Комисијата утврди директна дискриминација врз основа на пол, возраст, мајчинство, и семејна и брачна состојба во областа на пристап до вработување сторена кон подносителка која има новороденче, кон тие што се бремени, имаат или планираат да имаат новороденче и кон кандидати мажи, а кои услови потекнуваат во јавно објавен оглас за вработување.
Фирмата која го објавила огласот тешко го повредила Законот за работни односи, утврди Комисијата за дискриминација, која бара од неа во иднина да се воздржува од дискриминирачки огласи, во спротивно ќе биде дадена пред надлежен суд.
Подносителката претставката до КСЗД ја поднела во јуни, а огласот бил објавен во мај. Таа навела дека возраста не е мерило за способноста и професионалноста на кандидатите за работа. За експлицитното барање во огласот „само мажи“, смета дека е дискриминација врз основа на пол, забранета со повеќе закони кај нас и во современиот свет.
Натаму, за условот кандидатките да не се на студии, бремени или со новороденче, подносителката наведува дека меѓу другото, компанијата предизвикува и непријателска работна околина и култура на недоверба кон родилки, кон жени кои сакаат да го надоградат своето образование итн.
Во одговорот до Комисијата за дискриминација, фирмата-дискриминатор навела дека немала намера никого да го дискриминира, само сакала во огласот јасно да го опише идеалниот профил на кандидатката што ѝ треба за вработување.
Според правилата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за да се заштити жртвата на дискриминација не се откриваат податоци кои што би можеле да доведат до негова идентификација. Целосната одлука на комисијата можете да ја прочитате тука.
С. К. ДЕЛЕВСКА