САД размислуваат да го исполнат барањето на Украина и да ѝ испратат проектили со долг дострел „томахавк“, изјави американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
Володимир Зеленски бараше од САД да ги продадат овие проектили на европските земји кои потоа би ги испратиле во Украина. Венс кажа дека Доналд Трамп ќе ја донесе конечната одлука по ова прашање.
„Разгледуваме одреден број барања од Европејците“, изјави Венс.
Овие проектили имаат дострел од 2.500 километри и би биле моќен додаток на украинскиот воен арсенал. Трамп досега одбиваше да ѝ даде на Украина проектили со долг дострел, но во последно време изразува сѐ поголеми фрустрации од одбивањата на Владимир Путин да прифати мировен договор.
Венс рече дека руската инвазија на Украина е во застој, со мали територијални придобивки во последно време.
„Нашата влада активно се залага за мир од самиот почеток, но Русите мора да се разбудат и да ја прифатат реалноста. Тие немаат многу што да покажат. Многу луѓе умираат“, рече тој.