ВРАТИТЕ НА ЕУ ВИ СЕ ОТВОРЕНИ, КАЖА БРИСЕЛ ПО ПОБЕДАТА НА ПРОЗАПАДНИОТ БЛОК НА ИЗБОРИТЕ ВО МОЛДАВИЈА

    ВРАТИТЕ НА ЕУ ВИ СЕ ОТВОРЕНИ, КАЖА БРИСЕЛ ПО ПОБЕДАТА НА ПРОЗАПАДНИОТ БЛОК НА ИЗБОРИТЕ ВО МОЛДАВИЈАПретседателката Санду ги претставуваше изборите како прашање на иднината на Молдавија (Фото: Гети)

    Европската Унија ги поздрави резултатите од вчерашните парламентарни избори во Молдавија, велејќи дека тие покажуваат оти земјата се движи по патот кон ЕУ. И покрај тврдењата за силно руско мешање, проевропската Партија на акција и солидарност (ПАС) на претседателката Маја Санду убедливо го победи прорускиот Патриотски изборен блок, кој се обидува да ја доближи земјата до Москва.

    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Молдавците гласале за Европа, демократија и слобода.

    „Нашите врати се отворени. И ќе бидеме со вас на секој чекор од патот“, рече Фон дер Лајен.

    Шефот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кажа дека пораката на молдавскиот народ е гласна и јасна.

    „Тие гласаа за демократија, реформи и европска иднина, соочени со притисок и мешање од Русија“, изјави Кошта.

    По речиси 100% пребројани гласови, ПАС има освоено 50,2%, а прорускиот блок 24,2% гласови. На третото место е Алтернатива со 8%.

    Претседателката Санду ги претставуваше изборите како прашање на иднината на Молдавија поради многуте докази дека Русија се обидува да влијае врз гласањето преку поткупување гласачи и силна дезинформациска кампања.

    „Русија вложува сѐ што може за да ги промени овие избори. Гледаме невидени напори: повеќе пари за купување гласови, повеќе дезинформации со помош на вештачка интелигенција и мрежи на тролови и повеќе ресурси за оркестрирање улично насилство“, изјави пред изборите молдавскиот советник за национална безбедност Станислав Секриеру.

    Гласањето го следеа тензии, вклучувајќи дојави за подметната бомба на гласачки места во Италија, Романија, Шпанија и САД. Веднаш по завршувањето на изборите, еден од главните опозициски лидери Игор Додон прогласи победа и повика на протести пред парламентот денеска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира