Дваесетина студенти од Македонија ќе учествуваат на работилниците на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визија за иднината“ кој ќе трае три дена, од 1 до 3 октомври. Проектот, како што рекоа денеска германската амбасорка Петра Дрекслер и францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер, е заснован на меѓукултурен и меѓугенерациски дијалог, а целта е стимулирање на креативноста кај младите, промовирање на историското наследство на Скопската чаршија и предлог креативни решенија за сочувување на културното наследство во иднина.
Работилниците ќе ги водат реномирани уметници, режисери и професори меѓу кои Леонор Мерсие (Франција), режисерка и аниматорка на видеоработилницата, писателката Аријан Жус (Франција) која ќе ја води книжевната работилница, фотографот Хајнрих Холтгрев (Германија), аниматор на фотоработилницата, Даниела Николова, историчарка, советничка и кустос како менторка на историската работилница, и проф. д-р Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје и аниматорка на архитектонската работилница.
На работилниците ќе учествуваат студенти од Факултетот за ликовна уметност, од Катедрата за француски јазик на Филолошкиот факултет, од Архитектонскиот фаултет и од Катедрата за историја на Филозофскиот факултет.
„Во овој наш германско-француско-македонски проект станува збор за луѓе за кои имаат најразлични искуства и кои ќе работат на ова. Вие сето ова ќе го преточите во однос на тоа како гледате на стариот град на Скопје. Искуството кое го носите со себе ќе влијае на тоа како го гледате градот. Верувам дека ќе има и некои изненадувања во однос на тоа како ќе го искористете приуството на експерти во оваа тема. Се надевам дека ќе ви успее од најразличните впечатоци и перспективи кои ги имате да развиете една заедничка перспектива“, кажа амбасадорката Дрекслер.
Амбасадорот Ле Риголер рече дека нивна заедничка желба е да дадат поддршка на нешто што им е при срце, а тоа е заштита на културното наследство, посебно потпирајќи се на младите кои ќе го реализираат тој проект. С
„Сметаме дека земјата во која сме има и свој дел да сподели на мултикултурен и меѓурелигиски план, на начинот на кој се одвива животот. Таа порака, тој дијалог е вкоренет во едно минато, но тоа е порака и на политичка волја и желба денешна, како и желба на младите“, рече амбасадорот.
Проектот во Скопје го организираат Гете институот и Францускиот културен институт.
Проектите од работилниците ќе бидат претставени на 4 октомври, во 20 часот на манифестацијата „Бела ноќ“ во Сули ан. Од 21: 30 часот ќе има и концерт „Париз-Берлин-Скопје“ со диџеите Бојан Јанев и Дарко Јорданов од Скопје и диџеј Женева од Париз.
Б. НЕСТОРОСКА