КРУШЕВО ВЛЕЗЕ НА ЛИСТАТА ТОП 100 ЗЕЛЕНИ МЕСТА ВО СВЕТОТ, ИМА И ПО 40.000 НОЌЕВАЊА ГОДИШНО, ВЕЛИ ОПШТИНАТА

    КРУШЕВО ВЛЕЗЕ НА ЛИСТАТА ТОП 100 ЗЕЛЕНИ МЕСТА ВО СВЕТОТ, ИМА И ПО 40.000 НОЌЕВАЊА ГОДИШНО, ВЕЛИ ОПШТИНАТАИзборот го направи интернационалната организација „Грин дестинејшн“ (Green Destination) која ги поддржува дестинациите со одржлив туризам и екологија. (Принтскрин од вебстрана)

    Општина Крушево влезе на престижната листа Топ 100 зелени дестинации во светот за 2025, заедно со светски познати туристички места во САД, Чиле, Франција, Шведска, Словенија, Јапонија. Изборот го направи меѓународната организација „Грин дестинејшн“ (Green Destination), која ги поддржува местата со одржлив туризам и екологија.

    Признанието деновиве во Монпелје, Франција го примија Татјана Хасану, раководителка на Одделението за локален економски развој и Сотир Габелоски, лице за отворени прашања во Општина Крушево. Апликацијата претходно ја изработи Општината со поддршка на швајцарските програми ИМЕ и СИППО.

    На глобалната конференција во Франција, организаторите кажаа дека наградата за Општина Крушево е во категоријата менаџирање со дестинации кои се пример како може туризмот да биде управуван во интерес на заштитата на природата, културата и локалната заедница.

    Признанието во Монпелје го примија Сотир Габелоски, лице за отворени прашања во Општина Крушево и Татјана Хасану, раководителка на Одделението за локален економски развој. (Фото: Општина Крушево)

    „Ова значи интегрирано управување со отпад, чиста и зелена дестинација, препознатлива и посакувана во светски рамки. Од аматерски првенства, денес во Крушево се случуваат светски првенства во параглајдерство и уште десетици други меѓународни натпревари и настани кои значат дополнителен инпут за локалната економија и развојот на туризмот. Се обидуваме Крушево да биде одржлива дестинација во сите четири сезони“, изјавија од Општина Крушево за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од Швајцарската амбасада во земјава соопштија дека повеќе од 10 години Швајцарија преку програмата Зголемување на вработливоста на пазарот (Increasing Market Employability – IME) ги поддржува напорите на Крушево да стане активна туристичка дестинација.

    „Ова признание ја одразува долгорочната посветеност на сите партнери кон одржливиот туризам. Крушево ќе продолжи со своите зелени иницијативи и ќе сертифицира десет локални бизниси за одржливост“ , соопштија од Швајцарската амбасада.

    Од Општина Крушево велат дека со туристичка посетеност рушат рекорди.

    „Ако туристичката такса покажуваше околу 14.000 посети во 2017, денес имаме евидентирани 40.000 ноќевања во Крушево. Годинава имаше Светско првенство за параглајдерство, други седум меѓународни првенства и 50 културни и спорски настани, со што срушивме рекорди на посетеност“, велат од Општината.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира