ОПАСНО СЕ РАСПАЃА КУЌАТА НА ПЕТРУШ ВАНГЕЛОВ ОД 19 ВЕК ВО ОХРИД, 15 ГОДИНИ Е ЗАШТИТЕНА КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, НО САНАЦИЈАТА ЗАГЛАВИ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ

    ОПАСНО СЕ РАСПАЃА КУЌАТА НА ПЕТРУШ ВАНГЕЛОВ ОД 19 ВЕК ВО ОХРИД, 15 ГОДИНИ Е ЗАШТИТЕНА КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, НО САНАЦИЈАТА ЗАГЛАВИ ВО ИНСТИТУЦИИТЕОва е последната сочувана куќа со архитектура од 19 век, а во 2018 е и ставена на листата на културно добро во опасност. (Фото: СДК.МК)

    Руинираната куќа на Петруш Вангелов од 19 век во Охрид, сместена во стариот дел на градот на тесниот сокак кој води до црквата „Свети Јован Канео“, е опасност за минувачите иако е објект заштитен со закон како културно наследство. Објектот со години се распаѓа, а институциите не презеле ништо за санација. Куќата на Петруш Вангелов e една од двете куќи кои се прогласени за културно добро во опасност во стариот дел на градот.

    Ова е последната сочувана куќа со архитектурата од деветнаесетиот век. Денес распаднатите ѕидови сведочат за институционалната негрижа. Од распаднатиот покрив надвиснуваат остатоци од некогашните ќерамиди и штици кои секој момент можат да паднат врз минувачите. На камениот дел од куќата стои табла на која е испишано значењето на куќата, а малку погоре поставено е предупредување за опасноста „Задржувањето во близина на објектот е опасно!!!“. Отспротива има огромна карпа што ја прави опасноста уште поголема, па бројните граѓани забрзано поминуваат низ патеката која е широка едвај два метра.

    Куќата со решение од 2010 година е прогласена за значајно културно наследство, а осум години подоцна е ставена на листата на културно добро во опасност. Во 2022, Завод и Музеј испратиле до Управата за заштита на културното наследство мислење за отстранување на објектот, кој од 2014 е во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов. Од Завод и Музеј велат дека иако пред скоро три години дале мислење за отстранување на опасните делови од куќата, до денес нема ниту конзерваторско одобрение од Управата за заштита ниту решение од Министерството за транспорт и врски.

    Директорот Горан Патчев во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека повторно ќе иницираат да се почне постапка за санација на куќата која е прогласена за културно добро во опасност.

    „Целата работа е институционално заглавена, но куќата има сопственик и одговорноста е негова. Ние повторно ќе укажеме, ќе дадеме мислење и верувам дека ќе се почне постапката оти објектот е навистина во лоша состојба“, вели Патчев.

    Од Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид велат дека се извршени конзерваторските истражувања и изготвен е проект за отстранување и се чека на одобрението за отстранување на објектот.

    „Со проектот треба да се обезбеди конзерваторско одобрение и одобрение за рушење на објектот. После рушењето на објектот да се пристапи кон реконструкција на истиот според ревидиран и одобрен конзерваторски проект. Да се зачуваат одредени здрави и автентични делови од ѕидовите од камен како и делови од дрвена вградена покуќнина која треба внимателно да се демонтира и зачува на соодветно место, а потоа да се конзервира и реставрира. Зависно од видот и значењето на културното наследство дали е профан или сакрален објект или е од особено значење, зависи и одлуката кој тип на реставрација ќе се примени што најчесто ја носи одговорниот конзерватор врз база на претходни конзерваторски истражувања на постојната состојба и користени техники и матерјали на самиот објект“, додаваат оттаму.

    Согласно Член 78 од Законот за заштита на културното наследство, ако недвижно културно наследство или друго недвижно добро заштитено според одредбите на овој закон или нивни делови се склони на паѓање поради дотраеност, или поголеми оштетувања со кои непосредно се загрозува нивната стабилност и поради тоа претставуваат опасност за соседните градби и животот на луѓето, а таквата опасност не може да се отстрани на друг начин, органот што го донел актот за заштита може да даде согласност за уривање и отстранување на такво добро или негов дел. Исто така, согласно Член 130 од Законот за заштита на културното наследство, имателот на заштитено добро е должен со доброто да постапува со должно внимание, односно како добар домаќин, да го почитува, чува и одржува, како и навреме да ги презема пропишаните техничко-заштитни и други мерки.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира