Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која вети дека ќе ги користи сите мерки, вклучувајќи ја и американската војска, за да го брани Катар, главниот сојузник на САД на Блиски Исток. Според наредбата, Вашингтон ќе ги смета сите вооружени напади врз Катар како закана за себеси и ќе ги преземе сите законски мерки, дипломатски, економски и воени, за да ги одбрани интересите на САД и Катар.
Безбедносниот пакт е речиси идентичен на односите помеѓу САД и НАТО.
Катар стана главен посредник помеѓу Израел и Хамас по почетокот на војната во Газа откако пред само неколку години беше во економска и дипломатска изолација од своите соседи. Хамас има политичка канцеларија во Доха, која е дом и на најголемата американска воена база на Блиски Исток.
Трамп се реши на ваков потег откако Израел минатиот месец изврши воздушен напад врз Доха со намера да убие лидери на Хамас, што беше неуспешно. Катар беше нападнат и од Иран оваа година, како одмазда за американското бомбардирање на иранските нуклеарни постројки.
Министерството за надворешни работи на Катар топло ја поздрави извршната наредба на Трамп, велејќи дека таа претставува „важен чекор во зајакнувањето на блиското одбранбено партнерство помеѓу двете земји“.
Опсегот на безбедносната гаранција за Катар е широк и вклучува и американска воена поддршка во случај да биде нападнат. Ова потсетува на Член 5 од Договорот за НАТО, кој гарантира заеднички одговор на вооружен напад врз која било членка.