Градските власти на Истанбул го откажаа концертот на британската поп ѕвезда Роби Вилијамс, „во интерес на јавната безбедност“. 51-годишниот пејач, поранешен член на групата „Тејк дет“, требаше да настапи на 7 октомври во пристаништето Атакој, најголемото пристаниште на Мраморното Море, но вчера на Инстаграм објави дека „искрено жали што мора да го откаже концертот“.
Вилијамс ја почна турнејата „Бритпоп“ во мај, настапувајќи во Единбург, Лондон, Амстердам, Берлин, Хелсинки, Софија и Атина, а во Истанбул требаше да биде последен настап.
„Градските власти го откажаа настапот, во интерес на јавната безбедност. Последното нешто што би сакал да го направам е да ја загрозам безбедноста на моите обожаватели – нивната безбедност и сигурност се на прво место. Бевме многу возбудени што за првпат ќе свириме во Истанбул и намерно го одбравме градот како последен настап од ‘Бритпоп’ турнејата. Да го завршам овој епски серијал на настапи пред моите турски обожаватели беше мој сон, со оглед на блиските врски што моето семејство ги има со оваа прекрасна земја. До сите обожаватели во Истанбул кои сакаа да се приклучат на 1,2 милиони луѓе кои беа дел од оваа феноменална турнеја оваа година со нас, навистина ми е жал. Со нетрпение го очекувавме овој настап, но одлуката да се откаже беше надвор од наша контрола“, објави Вилијанс.
Британски „Сан“ објави дека настапот бил откажан поради страв од закани во Турција поради неговата поддршка за Израел, каде што имал свирки во минатите години.
Вилијамс е во брак со Ајда Филд Вилијамс, која е родена во Турција, а мајка му е Еврејка.