Колективна одговорност е темата на 21. издание на Биеналето на современа македонска архитектура – БИМАС 2025, кое се отвори синоќа на Светскиот ден на архитектурата во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје. Биеналето ќе трае до 20 октомври, а со предавања, на повеќе локации, ќе учествуваат и странски гости од повеќе европски земји. Заедно со Биеналето, во МСУ е поставена и студентската изложба БИСТА.
Првото Биенале на современата македонска архитектура е одржано во февруари 1981 во МСУ, имало над 100 пријавени авторски трудови, колку што има и денес.
Осврнувајќи се на почетоците на Биеналето, претседателот на Асоцијацијата на архтекти на Македонија, Валентино Константиновски, рече дека треба да „ги користиме мудростите и знаењето на нашите претходници, познавајќи го добро минатото, може да се предвидуваат работи и во иднината, бидејќи историјата се повторува“.
Биеналето ќе трае до 20 октомври на повеќе локации. (Фото: К. Попов)
„Денес, по точно 44 години постоење на Биеналето, можеме да се пофалиме со богато минато, минато за почит, кое уште повеќе нѐ обврзува да бидеме сé подобри и подобри, да бидеме најдобрата верзија од самите нас. Таа 44-годишна одисеја била исполнета со премрежја, успони, падови, но ете, сега сме тука, полни со елан за нови предизвици и искушенија, желни за соработка и постојана размена во повеќе правци. Колективна одговорност е главната тема на годинешното Биенале, но и колективен настап. Да останеме доследни и цврсти, да не отстапуваме од идејата и зададените насоки за здружување и спроведување на заедничките интереси. Ние, архитектите, не треба да се гледаме како конкуренти, туку како потенцијални соработници. Во тој случај и поединечните резултатите ќе се подобрат. Тие се неизбежни“, рече Константиновски на синоќешното отворање.