Владимир Путин изјави дека руската противвоздушна одбрана го соборила азербејџанскиот патнички авион во декември минатата година, што е првпат Русија да ја преземе одговорноста за инцидентот во кој загинаа 38 луѓе.
Путин кажа дека проектил испукан од Русија кон украински дрон експлодирал близу авионот на „Азербејџан ерлајнс“ кој летал од Баку и бил пред слетување во Грозни, главниот град на Чеченија. На средбата со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на самитот на бившите советски републики во Таџикистан, Путин вети дека одговорните за несреќата ќе бидат казнети.
„Руската противвоздушна одбрана, која била насочена кон украински дрон, пукала кон азербејџанскиот патнички авион поради техничка неисправност, при што две ракети експлодирале само 10 метри од него. Русија ќе направи сè за да обезбеди обештетување и да ги казни постапките на сите одговорни службеници, иако сме свесни дека тоа нема да ги врати изгубените животи“, кажа Путин.
Азербејџанските власти веднаш се посомневаа дека авионот „ембраер 190“ бил случајно погоден од руски проектил, по што се обиде да слета во Казахстан. Неколку дена по несреќата, Путин му се извини на Алиев, но не ја призна вината на Русија. Алиев во меѓувреме ја критикуваше Москва дека сака да го заташка инцидентот, кој ги наруши инаку топлите односи помеѓу двете држави.