ДЕВЕТ ХИРУРЗИ ОД МАКЕДОНИЈА БИЛЕ НА ОБУКИ ВО ТУРЦИЈА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА БУБРЕЗИ И ЦРН ДРОБ

    ДЕВЕТ ХИРУРЗИ ОД МАКЕДОНИЈА БИЛЕ НА ОБУКИ ВО ТУРЦИЈА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА БУБРЕЗИ И ЦРН ДРОБПосветени сме на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација, велат здравствените власти. - Клиника за уролгија. (Фото: К. Попов)

    Од јануари досега, извршени се трансплантации на бубрези кај шест пациенти од починат дарител, две трансплантации на црн дроб од починат дарител, како и експлантации на коски и лигаменти, соопшти Министерството за здравство, во чест на Европскиот викенд на органодонорство.

    Изминатиот период, седум доктори хирурзи и специјалист-нефролог биле упатени на обука во Турција за трансплантација на бубрези. Во сегментот на трансплантација на црн дроб, двајца хирурзи се едуцирани во Турција за трансплантација од жив дарител.

    „Континуирано сме посветени на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација.  Дарувањето орган претставува највозвишен акт на хуманост и солидарност, а воедно е надеж за пациентите – светлото на крајот од тунелот што им го спасува и продолжува животот. Нашата тенденција е што е можно почесто да зборуваме за органодонорството како исклучително значајна медицинска и општествена тема“, рече министерот Азир Алиу, по средбата со националната координаторка за трансплантација, проф.д-р Билјана Кузмановска и директорите на универзитетските клиники за дигестивна хирургија, д-р  Огнен Костовски, на урологија д-р Башлим Шабани и на нефрологија д-р Никола Ѓорѓиевски.

    „Органодарителството претставува еден од највисоките изрази на човечка добрина — чин со кој се спасуваат животи и се дава втора шанса“, рече проф. д-р Кузмановска.

    Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Костовски кажа дека Клиниката има направено голем исчекор во трансплантациите на црн дроб, кои се едни од најсложените трансплантации и претставуваат голем предизвик за медицинските тимови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира