И „МЕРЦЕДЕСИ“ И „ФИЌОВЦИ“ ГО ПРИВЛЕКОА ВНИМАНИЕТО НА ВЕЛЕШАНИ НА ПЕТТАТА ИЗЛОЖБА НА ОЛДТАЈМЕРИ

    И „МЕРЦЕДЕСИ“ И „ФИЌОВЦИ“ ГО ПРИВЛЕКОА ВНИМАНИЕТО НА ВЕЛЕШАНИ НА ПЕТТАТА ИЗЛОЖБА НА ОЛДТАЈМЕРИМеѓу изложените олдтајмери беше и еден „фолксваген“ од 1967 година, за кој сопственикот Бата Стевановиќ вели дека нема цена за која би го продал. (Фото: СДК.МК)

    Рекордни 75 стари автомобили во возна состојба, познати како олдтајмери, беа изложени во Велес, на изложба во рамките на манифестацијата „Питијада“. Беа изложени автомобили од Македонија, Србија, Хрватска, БиХ и Косово. Најстарите возила беа произведени во средината на 60-тите години од минатиот век, а најбројни беа примероците од марката „мерцедес“ и популарното „фиќо“.

    „Имаме најголем број учесници со автомобили досега, но и огромен интерес од велешани како посетители. Штета што на овој простор немаме можност да примиме повеќе, па некои наши пријатели моравме да ги вратиме бидејќи немаше каде да бидат поставени. Пријатно сме изненадени од големиот број и на возила и на гости“, кажа Ристе Мулев, од здружението „Кинг оф д роуд“ (King of the Road), организатор на изложбата.

    На изложбата беше присутен и велешанецот Иле Андовски, кој има колекција на мотори, сите од марката „Томос“. (Фото: СДК.МК)

    Ова е петта изложба на олдтајмери во Велес.

    Најбројно учество на олдтајмери од странство имаше од Србија. Меѓу нив беше и еден „фолксваген“ од 1967 година, за кој сопственикот вели дека нема цена за која би го продал.

    „Моделот е ‘фолксваген тип 3’ од 1967 година. Татко ми го купи нов од ‘Симос’ во Копер, Словенија. Во семејството е од првиот ден. Татко ми почина во 1997 година, а јас седум години го репарирав, по што ѝ го подарив на ќерка ми за роденден. Во зависност од патот, потрошувачката на гориво е од 7 до 10 литри на 100 км. Го возиме за забава и уживање. Автомобилот е семеен и нема цена за продажба“, рече Бата Стевановиќ од Ниш, Србија.

    Изложба на олдтајмери се одржува во рамките на манифестацијата „Питијада“. (Фото: СДК.МК)

    На изложбата беше присутен и велешанецот Иле Андовски, кој има колекција на мотори, сите од марката „Томос“. Неговите мотори беа мамка за посетителите, како за помладите, така и за повозрасните.

    „Оваа љубов ми е пренесена од татко ми. Собирам и реставрирам исклучиво мотори од марката ‘Томос’. Ова ми е хоби. Во Македонија многу ретко можат да се најдат, па ги набавувам од Србија, Хрватска и Словенија“, рече Андовски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира