МАГАЦИОНЕРКА ВО ПРИВАТНА ФИРМА Е ИЗБРКАНА ОД РАБОТА ВЕДНАШ ШТОМ ПОКАЖАЛА ДОКУМЕНТ ЗА ЕДНОМЕСЕЧНО БОЛЕДУВАЊЕ ПОРАДИ ПАТОЛОШКА БРЕМЕНОСТ, УТВРДЕНА Е ДИСКРИМИНАЦИЈА

    МАГАЦИОНЕРКА ВО ПРИВАТНА ФИРМА Е ИЗБРКАНА ОД РАБОТА ВЕДНАШ ШТОМ ПОКАЖАЛА ДОКУМЕНТ ЗА ЕДНОМЕСЕЧНО БОЛЕДУВАЊЕ ПОРАДИ ПАТОЛОШКА БРЕМЕНОСТ, УТВРДЕНА Е ДИСКРИМИНАЦИЈАСпоред документите за боледувањата, дискриминираната жена треба да се породи или се породила овој месец. (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди уште една директна дискриминација кон бремена работничка, вработена како магационерка, извршена од голема фирма за увоз и извоз. Оваа фирма договорот за вработување на определено време на подносителката на претставката ѝ го продолжувала на секои три месеци.

    Последниот ѝ бил до петти март 2025, но бидејќи претходно ги известила претпоставените дека е бремена и од лекарска комисија е испратена на еден месец боледување поради патолошка бременост, тие 4 дена пред истекот на боледувањето, ја избркале.

    На први март, додека боледувањето уште траело, бремената магационерка е известена дека договорот повеќе нема да ѝ биде продолжен. Фирмата ангажирала адвокат кој во одговорот до Комисијата за дискриминација тврди дека бркањето на трудницата-магационерка било најчисто што може да биде, сепак Комисијата ги фатила во лага при увидот во Агенцијата за вработување.

    Иако адвокатот наведува дека на бремената не ѝ е продолжен договорот за работа поради деловни причини, рационализација, и притоа биле „рационализирани“ уште четворица магационери, Комисијата воочила дека подносителката е единствена на која договорот не ѝ бил продолжен.

    „Видно од податоците во Агенцијата за вработување, подносителката на претставката е единствената на која работниот однос ѝ престанал со истек на договорот за вработување. На останатите вработени на определено време,  работните односи им престанале или спогодбено, некои си дале отказ, а на трети им биле трансформирани во договори за трајно вработување“, вели КСЗД.

    Според документите за боледувањата, дискриминираната жена треба да се породи или се породила овој месец.

    Она што е најстрашно, за ваквите случаи секогаш Државниот инспекторат за труд вели: „законот е испочитуван, нема утврдени неправилности“. По извршената контрола, така се изјаснил и во овој случај.

    Според правилата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за да се заштити жртвата на дискриминација не се откриваат податоци кои што би можеле да доведат до нејзина идентификација. Целосната одлука на комисијата можете да ја прочитате тука.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира