Можеби е нерелевантно во ситуација на протести и загрозена демократија поради недавањето на мандатот на парламентарното мнозинство да се зборува за отчетност како се троши буџетот, но не е така, рече заменик – амбасадорот на Велика Британија во Македонија Пол Едвардс при оценката на работата на Државниот завод за ревизија.
„Независните регулаторни тела се многу значајни за функционалност на демократијата, рече Едвардс на презентацијата на проектот „Зајакнување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“ поддржан од Обединетото кралство во Скопје.
“Може да се чини дека е малку ирелевантно да се зборува за ова прашање кога самата основа на парламентарната демократија е доведена во прашање, кога претседателот одбива да и дозволи на коалицијата партии што имаат јасно мнозинство во Парламентот да формираат влада. Но, јас не се согласувам. Ова не е нерелевантно прашање, ова е далеку од тоа да биде второстепено прашање. Работата што се одвива преку овој проект е од суштинско значење за демократијата“, рече заменик-амбасадорот на Британија Едвардс. Тој потенцираше дека ефективен Државен завод за ревизија постапува во име на граѓаните за оние што се на власт да сносат одговорност, има независност да види што можеби некој сакал да остане тајно и да оспорува доколку има потреба, како и способност да ги спроведува своите одлуки преку парични казни или други мерки.
“Вие вршите многу важна работа независно од протестите и политиките и меѓународните изјави што бараат претседателот Иванов да ја повлече својата одлука да не го додели мандатот. Знам дека по некоја фаза оваа криза ќе заврши, дека ова го велиме во последните две години, но не заборавајте дека вршиме многу значајна работа и Британската амбасада секако нема да го заборави тоа“, рече Едвардс.
Фондацијата за демократија на Вестминстер, Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии денеска го презентираа првиот од шесте квартални извештаи предвидени за оценка на законодавните и регулаторни одредби поврзани со работата на Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР).