Борците на Хамас ја зајакнаа контролата во Газа и спроведуваат јавни егзекуции, пркосејќи на тврдењето на Израел дека војната не може да заврши според планот на Доналд Трамп сè додека милитантите не бидат разоружани. На едно видео што кружи на интернет се гледа како борци на Хамас убиваат седум луѓе обвинети дека соработувале со Израел. Извор од Хамас потврди дека снимката е автентична.
Жителите на Газа велат дека борците на Хамас се видливи на улиците, распоредени долж рутите за достава на помош. Палестински безбедносни извори кажаа дека во изминатите денови биле убиени десетици луѓе во судирите помеѓу Хамас и ривалските кланови.
Откако израелската војска се повлече од урбаните области на Газа, Доналд Трамп кажа дека му дозволил на Хамас привремено да патролира на улиците за да се одржува ред.
Враќањето на Хамас на власт во Газа и постојаните бранови на насилство ги нагласуваат пречките со кои се соочуваат напорите за долгорочно решавање на конфликтот. Иако Трамп вчера прогласи нов почеток за Блиски Исток, некои од најтешките елементи од неговиот план сè уште не се договорени. Израелските сили остануваат во поголемиот дел од Газа, а ветените зголемувања на испораките на помош сè уште не се остварени.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано тврди дека војната не може да заврши сè додека Хамас не го положи оружјето и не престане да ја контролира Газа, што групата го отфрла.
Кога борците на Хамас излегоа на улиците на Газа за време на последното примирје во јануари-март, Израел ги обнови борбите и ги прекина преговорите за завршување на војната. Но, откако вчера објави дека војната е завршена, Трамп рече дека Хамас има привремено зелено светло за одржување на редот.
„Тие сакаат да ги спречат проблемите и отворено зборуваа за тоа, а ние им дадовме одобрение на одреден период“, рече тој.
Извори од Хамас изјавија за „Ројтерс“ дека групата нема да толерира безредие во Газа и ќе ги таргетира соработниците на Израел, вооружените ограбувачи и дилерите на дрога. Групата, која владее со Газа од 2007, исто така распореди стотици работници заради расчистување на урнатините на клучните патишта и поправка на скршените водоводни цевки.