ГРАДЕЈЌИ ОБЈЕКТ ВО СТРУГА ГРАДЕЖНИК УРНАЛ ДЕЛ ОД КУЌАТА-МУЗЕЈ НА ВЛАДО МАЛЕСКИ, АВТОРОТ НА МАКЕДОНСКАТА ХИМНА, КОЈА Е ЗАШТИТЕНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

    ГРАДЕЈЌИ ОБЈЕКТ ВО СТРУГА ГРАДЕЖНИК УРНАЛ ДЕЛ ОД КУЌАТА-МУЗЕЈ НА ВЛАДО МАЛЕСКИ, АВТОРОТ НА МАКЕДОНСКАТА ХИМНА, КОЈА Е ЗАШТИТЕНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВОКуќата е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба и пред неа стои биста на народниот херој Кузман Јосифовски-Питу. (Фото: Колаж на СДК.МК)

    Поради изградба на објект во Струга, оштетен е ѕид и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од Министерството за култура и туризам велат дека се во координација со надлежните институции за преземање соодветни мерки. Јавното обвинителство во Струга и струшката полиција денеска беа на терен за да ја утврдат одговорноста на приватниот грдежник кој ги поткопа темелите на куќата.

    Од Министерството соопштија дека Решението за рушење на постојниот соседен објект и изградба на нов објект во сопственост на Зуди Каба од село Велешта, e под број 08-738/2022 од 17 јули 2023.

    „Стручните лица при Националната установа (НУ) Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020-2029“, велат од Министерството и додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања, конкретно рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.

    Заводот и музеј Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) во Скопје за натамошно постапување.

    Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година.

    „Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.

    Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), чиј основач е и Владо Малески, вели дека го контактирало раководството на Завод и Музеј Охрид, кое е надлежно за објектите што се наоѓаат во Струга и имаат статус на поединечно заштитено добро, како спомен-куќата на Владо Малески.

    „Од Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид информираат дека денес лица од нивната институција направиле увид на терен и констатирале дека рушењето на дел од спомен-куќата на Владо Малески било предизвикано од градежни работи, кои се вршеле на соседниот објект, на кој се интервенирало со градежна дозвола. Од страна на НУ Завод и музеј Охрид е изготвен Записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство во Скопје, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата. Во меѓувреме, инвестирот на градежните работи на соседниот објект ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата на Владо Малески“, велат од ДПМ.

    Владо Малески, автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“, (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е роден во Струга и е еден од најзначајните македонски писатели, општествено-политички работник, издавач и револуционер.

    Куќата е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба во која на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко.

    Пред куќата на Малески стои биста на Кузман Јосифовски-Питу.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира