Промена на филтрите на оџаците во РЕК, ненајавени контроли на депонијата за пепел во комбинатот, фабрика за рециклажа на отпадот од градот наместо регионлна депонија за ѓубре, обиколници и реорганизација на јавните претпријатија се само дел од мерките што кандидатите за градоначалник на Битола ги најавија на панел-дискусијата за примена на зелената агенда во развојот на градот, што ја организираше регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола. Од осумтемина кандидати за градоначалник, прифатија да присуствуваат само шестмина.
„Треба да се направат две обиколници на источната и западната страна на градот и уште една попречна улица. Од источната страна, обиколницата ќе биде од влезот на ‘Лукоил’, тука ќе се прави подвозник, па преку Довлеџик, Буковски Ливади до патот за Грција. Од западната страна ќе биде од ‘Пелагонија петрол’, преку Долно Оризари, Кравари и повторно до Грција. Останува да се направи булеварот север-југ како попречна улица. Ќе биде пократко патувањето и помала емисија на издувни гасови“, рече Зоран Николовски, независен кандидат за градоначалник.
Тој најави и темелна реорганизација на јавните претпријатија, посебно Комуналец и Водовод.
Габриела Илиевска, кандидатка на независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, најави модерен, функционален, еколошки и бесплатен јавен превоз за сите и продолжување на проектот за гондола на Пелистер.
„Не само за Битола, туку и за руралните населби, кои се целосно отцепени. Проектот би содржел нови автобуски постојки, дигитализирани со софтвер кој ќе кажува точно време на пристигнување на автобусите во кој било дел од денот. Набавка на нови еколошки автобуси, кои би сообраќале и во подоцнежните часови, за да можат и тинејџерите да ги користат, наместо да ги носат и земаат родителите или да користат такси, што доведува до загадување и сообраќаен метеж“, рече Илиевска.
Актуелниот градоначалник и кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, најави дека водоснабдувањето ќе го решаваат со потисен цевковод, а загадувањето со прочистителна станица, топлификација и со велосипедски патеки.
„Битола во моментов има 5,4 километри велосипедски патеки и ако ја додадеме онаа во Градскиот парк, ефикасна или не и онаа што ја планираме во идната програма, ќе го заокружиме тој прстен околу Битола со вело-патеки. Улицата Иван Милутиновиќ ќе добие вело-патека, па од Црн Мост ќе се стигнува до излезот на Битола преку велосипедски патеки“, рече Коњановски.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ Методија Куновски рече дека аерозагадувањето ќе го намалуваат со целосно субвенционирање филтри на оџаците од 12.280 домаќинства, за што годишно ќе издвојат 614.000 евра.
„Кај Ќумурното игралиште и на други места низ градот има индустриски капацитети кои имаат Б-еколошка дозвола, а одамна не се мониторирани, иако надлежноста е на општинскиот инспекторат. Неопходно е формирање на сектор за заштита на животната средина со три одделенија: за управување со отпад, заштита на вода и воздух и за заштита на животна средина“, рече Куновски.
Во Општина Битола има само еден инспектор за животна средина, а нема ни посебно одделение за таа намена.
Мирјана Мирчевски, независна кандидатка поддржана од Македонска ера трета и Македонски независни листи-суверенисти, рече дека ќе го реновира Детското одморалиште на Пелистер, ќе ја заштити моликата и ќе го заживее Тумбе-кафе. Јорго Огненовски од партијата Демократи истакна дека ќе ја спречи урбаната мафија и ќе направи модерна фабрика за преработка на ѓубре од Битола, а не регионална депонија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА