Доналд Трамп сака да остави трага во Вашингтон со изградбата на триумфална порта налик на онаа во Париз.
Тој го најави планот на вечера за богати бизнисмени, кои ветиле дека ќе донираат пари за огромна балска сала во Белата куќа вредна 250 милиони долари. Трамп не кажа колку би чинела портата.
„Ќе биде навистина убава. Мислам дека ќе биде фантастична“, рече Трамп.
Многумина претседатели се обидоа да остават свој белег во Белата куќа, а Трамп веќе го прави тоа со многу изградби и промени во дизајнот на имотот, од кои најзначајно е претворањето на Градината со рози во поплочена тераса. Со портата, Трамп сака да остави уште еден споменик по кој ќе се памети неговото семејство.
Предложениот проект има впечатлива сличност со Триумфалната порта во Париз, познатиот споменик на крајот на авенијата Елисејски полиња, кренат во чест на оние кои се бореле за Франција за време на Француската револуција и Наполеоновите војни.
Портата ќе стои на крајот од Меморијалниот мост во Вашингтон, кој се протега преку реката Потомак. На вечерата, Трамп покажа три модели на портата со различни големини и призна дека најголемата му е омилена.