ПРОЕКТИЛИТЕ „ТОМАХАВК“ БИ БИЛЕ ЕСКАЛАЦИЈА, НО ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ ЗА НИВ, КАЖА ТРАМП НА СРЕДБАТА СО ЗЕЛЕНСКИ

    ПРОЕКТИЛИТЕ „ТОМАХАВК“ БИ БИЛЕ ЕСКАЛАЦИЈА, НО ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ ЗА НИВ, КАЖА ТРАМП НА СРЕДБАТА СО ЗЕЛЕНСКИТрамп кажа дека и Зеленски би можел да учествува на самитот во Будимпешта, но одвоено (Фото: АП)

    Доналд Трамп кажа дека испраќањето на проектили „томахавк“ во Украина би била ескалација на војната, но ќе разговара за нив со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска пристигна во третата посета на Белата куќа оваа година.

    Трамп неодамна најави дека би можел да ѝ даде проектили со долг дострел на Украина, но по вчерашниот телефонски разговор со Владимир Путин навести дека се премислува околу тоа.

    Ќе разговараме за тоа. Тоа би била ескалација, но ќе разговараме за тоа. Многу би сакале да не им требаат. Да бидеме искрени, многу би сакале војната да заврши“, рече Трамп.

    Зеленски долго време ги бара проектилите „томахавк“, кои имаат дострел од 2.500 километри, па Украина со нив би можела да ја гаѓа и Москва. Тие биле тема и на вчерашниот разговор Трамп-Путин, па советникот на Кремљ, Јури Ушаков, кажа дека Путин му рекол на Трамп дека испораката на вакви проектили ќе ги наруши мировниот процес и американско-руските односи.

    Зеленски кажа дека сите страни треба да седнат на маса и да договорат прекин на огнот.

    Украина сака мир, но Путин мора да се притисне за да ја заврши војната. Украина е спремна да разговара во секаков формат“, изјави Зеленски.

    Трамп му кажа дека и Путин сака мир.

    Зборев со Путин повеќе од два часа вчера. Поминавме низ многу детали. Тој сака да ја заврши војната и сега треба да стигнеме дотаму“.

    Трамп и Путин вчера договорија нова средба, што ќе се одржи во Будимпешта во следните две недели. Трамп кажа дека и Зеленски би можел да учествува, но веројатно нема директно да разговара со Путин.

    Има лоша крв помеѓу Путин и Зеленски. Сакаме да им биде пријатно на сите. Ќе бидеме вклучени сите тројца, но може да биде одвоено“, најави Трамп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира