ЗЕЛЕНСКИ СЕ ВРАТИ ОД САД БЕЗ ВЕТУВАЊЕТО ОД ТРАМП ДЕКА ЌЕ ДОБИЕ ПРОЕКТИЛИ „ТОМАХАВК“

    ЗЕЛЕНСКИ СЕ ВРАТИ ОД САД БЕЗ ВЕТУВАЊЕТО ОД ТРАМП ДЕКА ЌЕ ДОБИЕ ПРОЕКТИЛИ „ТОМАХАВК“Зеленски кажа дека разговарале со Трамп за проектилите, но одлучиле да не даваат изјави зашто САД не сакаат ескалација (Фото: АП)

    Володимир Зеленски се врати со празни раце од посетата на САД откако Доналд Трамп му навести дека не е спремен да му даде проектили со долг дострел „томахавк“. По срдечната средба во Белата куќа Зеленски кажа дека разговарале за ова со Трамп, но одлучиле да не даваат изјави зашто САД не сакаат ескалација.

    Трамп само ги повика Русија и Украина да запрат таму каде што се и да ја завршат војната.

    Застанете на линијата на фронтот и одете си дома кај своите семејства. Запрете со убивањето и тоа треба да биде тоа. Му го кажав тоа на претседателот Зеленски, му го кажав и на претседателот Путин“, рече Трамп.

    Средбата се случи ден откако Трамп имаше телефонски разговор со Владимир Путин, при што договорија да се сретнат во Будимпешта овој месец.

    Зеленски смета дека нападите со проектилите „томахавк“ сериозно би можеле да ја ослабнат руската воена економија. Иако Трамп не ја исклучи можноста за нивна испорака во Украина, неговиот тон на средбата беше необврзувачки.

    Испраќањето на проектилите би била ескалација, но ќе разговараме за тоа. Се надевам дека нема да им требаат и дека ќе можеме да ја завршиме војната без овие проектили“, кажа Трамп, додавајќи дека и на Америка ѝ требаат оружја.

    Запрашан од новинарите дали заминува од Вашингтон оптимистичен дека ќе ги добие проектилите, Зеленски одговори:

    Јас сум реалистичен. Можноста Украина да ги добие проектилите ја уплаши Русија зашто тие се многу моќно оружје“.

    Трамп не потврди дали и Зеленски ќе учествува на самитот во Будимпешта.

    Има лоша крв помеѓу Путин и Зеленски. Сакаме да им биде пријатно на сите. Ќе бидеме вклучени сите тројца, но може да биде одвоено“, најави Трамп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира