Концерти со пионерите на џез-фјужн жанрот „Јелоуџекетс“ (Yellowjackets), со Влатко Стефановски, Дарко Рундек и Рамбо Амадеус, Новогодишен концерт за деца со Биби и Боби, како и европска турнеја, најави директорот на Националниот џез оркестар Гоце Стевковски за крајот на сезоната.
На 6 ноември, во Националната опера и балет (НОБ), во 20 часот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со „Јелоуџекетс“, а ќе диригира Боб Минцер, долгогодишен член на составот и еден од најистакнатите современи џез музичари.
„Во текот на својата богата и повеќедецениска кариера, ‘Јелоуџекетс’ се етаблираат како еден од најзначајните и најпочитуваните состави во џез-фјужн жанрот. Со 25 издадени албуми, две престижни Греми награди и безброј распродадени концерти ширум светот, тие оставија зад себе музичко наследство што постојано се обновува и инспирира нови генерации музичари и љубители на џезот“, рече Стевковски на денешната прес-конференција.
Оркестарот во ноември заминува на турнеја во Будимпешта (12), Прага (14) и Виена (17), а концертите се насловени „Македонски сновиденија“.
Во декември ќе се одржат концертите „Рокенрол и џез“, т. е. концертот на кој во иста вечер ќе настапат легендарните музичари Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус и Дарко Рундек (8 декември), како и концертот со музика од популарната македонска серија за деца „Биби и Боби“ , на 14 декември.
Стевковски се заблагодари за поддршката од Министерството за култура, како и на Националната опера и балет, каде се одлично примени, но и дека се „нормализираат недоразбирањата со останатите колеги“, па дел од декемвриските концерти ќе ги одржат во Филхармонијата.
„Иако е сè уште млада институцијата, засега се оди супер и се обидуваме на секој можен начин да фатиме чекор да си ја работиме нашата работа“, рече Стевковски.
Б. НЕСТОРОСКА



