Македонскиот олиписки комитет (МОК) одлучи кои македонски спортисти, кандидати за учество на Олимписките игри 2028 во Лос Анџелес, финансиски ќе ги помага во тренажниот процес за нивните подготовки и евентуално учество на најголемиот собир на спортисти во светот. Со стипендии ќе бидат помогнати деветмина спортисти во шест спортови: теквондо, атлетика, борење, кајак на диви води, пливање и спортско стрелаштво.
„Управниот одбор едногласно ги усвои предлозите за новите олимписки стипендии за ОИ 2028 во Лос Анџелес. Одобрени беа девет стипендии со вкупен месечен износ од 9.000 долари, кои ќе им се исплаќаат директно на спортистите“, соопштија од МОК.
Спортистите кои ќе добиваат стипендии за ОИ 2028 се: Дејан Георгиевски – теквондо (стипендија од 1.600 долари), Милијана Рељиќ – теквондо (1.600 долари), Дарио Ивановски – атлетика (1.200 долари), Ангел Петрушев – кајак на диви води (1.200 долари), Анастасија Мојсовска – стрелаштво (800 долари), Магомедгаџи Нуров – борење (800 долари), Владимир Егоров – борење (800 долари), Душица Бреслиева – теквондо (600 долари) и Никола Ѓуретановиќ – пливање (400 долари).
П. ПЕЧКОВ



