Европската Унија би можела да прими нови членки до 2030 година, изјави еврокомесарката за надворешна политика Каја Калас, при што како водечки кандидати беа истакнати Црна Гора и Албанија, но во исто време беше критикувано назадувањето во Србија и уште поостриот демократски пад во Грузија. Ова следува откако Европската комисија ги објави своите годишни извештаи за 10-те земји кои се стремат да се приклучат кон ЕУ.
„Приклучувањето на новите земји кон Европска Унија до 2030 година е реалистична цел. Црна Гора е најнапредна во процесот на пристапување и е водечки кандидат за членство, заедно со Албанија“, кажа Калас.
Европската комисија го пофали целосното усогласување на Македонија со надворешната политика на Европска Унија, но предупреди дека преговорите за пристапување остануваат блокирани сè додека таа не го исполни своето ветување од 2022 за вклучување на Бугарите и другите групи во својот устав. Извештајот за Македонија, исто така, ја нагласи потребата од натамошен напредок во владеењето на правото, независноста на судството и во борбата против корупцијата.
„Кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ едвај напредуваше за четвртина век. За жал, ние сме на истото место каде што бевме пред 25 години. Поради некои вештачки причини. Не поради Копенхашките критериуми, не поради исполнување на некои цели, туку поради вештачки спорови“, рече премиерот Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој ги критикуваше условите што Бугарија ги поставува за пристапувањето на Македонија, велејќи дека тие претставуваат политички притисок и неправеден третман.
„Тие се внатре, ние сме надвор, ова е малку малтретирање. Би сакале да се видиме себеси на масата во Брисел и дали ова е последната цена што треба да ја платиме“, рече Мицкоски и предупреди дека сегашниот пристап ги поткопува основачките принципи на ЕУ.
Калас рече дека членството во ЕУ може да биде голема безбедносна гаранција за Украина, а евромесарката за проширување Марта Кос кажа дека Молдавија постигнала најголем напредок за една година, и покрај континуираните хибридни закани и обидите за дестабилизација на земјата на нејзиниот пат кон ЕУ.
Официјалните лица изјавија дека перспективите за Србија се мешани. Европската комисија, која долго беше обвинувана дека е премногу мека кон Србија, неодамна зазеде построг став против владата. Кос го критикуваше „уназадувањето во слободата на изразување и академското изразување“ и рече дека „српските власти треба јасно да го искажат својот стратешки избор со избегнување на анти-ЕУ реторика“.



