Фејсбук страница претставена како портал ја доби највисоката општинска награда „4 Ноември“, што се доделува во Битола за едногодишни острарувања. Станува збор за фејсбук групата за забава „Просечен битолчанец“, која повеќе години објавува кратки статуси, како и фотографии и видеа за промоција на Битола.
Наградата на свечената манифестација ја прими администраторот на „Просечен битолчанец“ Дарко Секуловски, полициски службеник од СВР Битола. Во соопштението од Општината се вели дека тој е награден за културен придонес во промоцијата на градот Битола, особено преку најновите, современи алатки, односно фејсбук порталот „Просечен битолчанец“.
Именувањето на фејсбук страницата како портал предизвика револт кај новинарите. Тие велат дека треба да се прави разлика помеѓу интернет портали каде што се објавуваат новинарски содржини во кои мора да бидат запазени критериумите за етичко и професионално известување и фејсбук профили што може секој да ги отвори и да пласира содржини и ставови. Дел од новинарите сметаат дека на овој начин паѓа нивото на наградата зашто имаат колеги кои со години и децении пишуваат за градот и битолчани во релевантни медиуми, а не биле наградени.
Секуловски вели дека не е новинар и дека се направил превид во терминот портал, но факт е дека страницата ги промовира убавините на Битола.
„Апсолутно немам врска со новинарство, ниту, пак, наградата е за новинарство. Можеби е направен превид во зборот портал или страница, што не е толку значајно кај обичните гледачи, затоа и не се направи дистинкција помеѓу едното и другото, но ако некој е засегнат, длабоко му се извинувам. Целта на оваа фејсбук страница е преку современите алатки да се промовираат убавините на Битола“, вели Секуловски за САКАМДАКАЖАМ.МК и додаде дека паричната награда ќе ја донира за семејството на прерано починатиот советник Зоран Петковски.
За наградата беше предложен од здружението за развој на спортот „Конзули ветерани“ од Битола.
Изборот на наградените го врши Управниот одбор на фондот за доделување на наградата „4 Ноември“, во кој членуваа осуммина советници од претходниот состав. Досегашната претседателка Габриела Илиевска од „Поинаку“ вели дека гласањето е тајно. Со пет гласа „за“ предлогот поминува и не може да се оспори одлуката. Таа посочува дека е потребно унапредување на критериумите за наградата. Во критериумите не пишува дека наградата е за новинарство и дека не може да се додели на фејсбук страница.
Ден претходно во Прилеп, наградата „3 Ноември“, што ја доделува Општината по повод Денот на ослободувањето на градот, ја доби долгогодишната новинарка и дописничка Елизабета Митреска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



