Акционерите на „Тесла“ ја одобрија рекордно високата исплата за шефот на компанијата Илон Маск, која би можела да изнесува еден трилион долари. Досега невидена премија беше поддржана од 75% акционери и беше поздравена со силен аплауз од публиката на годишниот собир на компанијата во Остин, Тексас.
Маск, кој веќе е најбогатиот човек на светот, мора драстично да ја зголеми пазарната вредност на компанијата за електрични автомобили во текот на 10 години. Доколку го стори тоа и исполни други цели, ќе биде награден со стотици милиони нови акции.
Обемот на потенцијалната исплата предизвика критики, но одборот на „Тесла“ тврди дека Маск би можел да ја напушти компанијата доколку не биде одобрена и дека не може да си го дозволи тоа.
„Она што треба да го започнеме не е само ново поглавје од иднината на ‘Тесла‘, туку сосема нова книга. Другите акционерски состаноци се забавни, но нашите се бурни. Погледнете го ова! Ова е невидено“, рече Маск, кој веќе поседува 13% од акциите на „Тесла“.
Во следната деценија тој мора да ја зголеми пазарната вредност на „Тесла“ на 8,5 трилиони долари од сегашните 1,4 трилиони и да пушти во комерцијална употреба милион самоуправувачки возила „роботакси“.
Акциите на „Тесла“ пораснаа за повеќе од 62% во последните шест месеци, иако продажбата се намали откако Маск се здружи со Доналд Трамп, однос што се распадна пролетоска поради неговите критики на буџетските политики на американскиот претседател.
Акционерите на „Тесла“ двапати досега одобрија исплата за Маск вредна десетици милијарди долари, што беше отфрлено од судот во Делавер, по што седиштето на компанијата беше преселено во Тексас.



