Во јуни догодина ќе почне да сообраќа градскиот воз од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода до Железничката станица во Скопје, објави министерот за транспорт Александар Николоски заедно со новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Делницата е долга 25 километри и до центарот на градот ќе се стигнува за 25 минути.
Оваа е прва фаза од овој проект, на терен веќе се градежни работници и се работи на реконструкција на постојната железничка линија.
Министерот за транспорт Николоски денеска на увид на градежните работи кажа дека по завршувањето на првата фаза идната година ќе започне реализацијата и на другите две фази. Тоа се делниците од Волково, преку Ѓорче Петров, Скопје Север до Железничката станица и другата од Миладиновци, преку Илинден до Железничката станица.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека ќе се направи и синхронизација со градските автобуси кои би ги прифаќале патниците од градскиот воз за да нема чекање.
„Во моментот кога ќе има потреба и ќе има воз на железничката постојка тогаш ќе бидат адаптирани и автобусите од Јавното сообраќајно претпријатие да бидат достапни. На тој начин ќе понудиме реална и брза алтернатива за транспорт на нашите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.
Директорот на Јавното претпријатие Железници Синиша Ивановски истакна дека првата фаза од Зелениково до Центар ќе чини 5,7 милиони евра, додека делот од товарниот сообраќај од Драчево до Илинден ќе изнесува околу 3 милиони евра. Вели дека овие две делници ќе бидат готови за половина година.
„Првата фаза на градскиот воз кој што во моментов почна да се работи од Зелениково до централна станица Скопје во должина од 24,5 километри ќе биде готова за најмногу 6 месеци од денеска. Втората делница од Драчево до Илинден која што е исклучиво за товарниот сообраќај во должина од околу 7,7 километри претпоставуваме некаде до Нова година поради тоа што е пократка“, изјави Ивановски.
Ивановски кажа дека пругата е целосно електрифицирана, што значи дека дизел-возовите нема да влегуваат во Скопје.
А. АНТЕВСКА



