Општина Охрид не ја стопира изградбата на хотелот во Лагадин и покрај барањето на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам општината да го поништи одобрението за градба.
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ја донесе одлуката по претставките на активистите на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и сопствениците на куќи и викендички за прекршувања на 12 закони, 1 подзаконски акт и Уставот на Република Македонија.
Општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески се огласија само со едно сооштение во кое се изнесени веќе познатите ставови во однос на хотелот дека дозволата за градба е издадена законски.
„Во врска со определени соопштенијата кои се појавија во некои медиуми, а се однесуваат на донесувањето на Општиот акт за Лагадин и издаденото одобрение за градба на хотелски комплекс во населба Лагадин, Општина Охрид во целост останува на искажаните ставови од прес конференцијата одржана на ден 27 демекври минатата година, каде на јавноста и беа презентирани сите документи кои се составен дел од постапкатa“, соопшти Општина Охрид.
Новиот хотел се наоѓа на неколку метри од плажата во туристичката населба, ги дели само патот Охрид-Свети Наум. Досега се изградени три ката, а забрзано се работи на поставувањето арматура за уште еден кат. На објектот денеска немаше многу работници, но и тие што работат оддаваат впечаток дека сакаат што побргу да го довршат спратот. Се гледа раздвиженост на објектот, која изгледа е засилена по најновиот допис од Државниот градежен инспекторат кој бара изградбата да сопре, за што е информирана и Општина Охрид.
Уште на самиот почеток на градбата на хотелот, кога беа копани темелите, први реагираа од организацијата „Охрид-СОС“. Тие ја алармираа јавноста дека, меѓу другото, овој објект претставува закана за животната средина поради близината до брегот. Притоа укажуваа дека Оштината не сакала да ги земе во предвид мислењата на жителите кои веќе имаат свои објекти на овој дел од Охридскиот брег.
Петиција против градбата на хотелот беше потпишана од 99 отсто жители на Лагадин. Тие укажаа дека одобрението за градење е незаконско оти хотелот е во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои законот забранува градби од траен карактер, градбата бесправно навлегува во приватен имот на соседните парцели, ископот урна тераса на соседен објект, а жителите се пожалија и на пукнатини внатре во куќата, колекторскиот систем мештаните укажаа дека не може да издржи уште еден хотел оти и сега е преоптоварен па преку лето фекалии се излеваат во езерото и ред други причини кои укажуваат дека градбата е нелегална.
Од локалната самуправа и градоначалникот Никола Бакрачески реакциите од „Охрид-СОС“ ги оценуваа како тенденциозни и неиздржани, со напомена дека за овој објект е обезбедена целокупната градежна документација.