Ивана Ѓорѓиевска од Движењето ЗНАМ, која беше носителка на листата, денеска е реизбрана за претседателка на Советот на Општина Куманово. Таа беше единствен предлог и избрана е со 19 гласа само од мнозинството на Советот, без поддршка од опозицијата.
Во првото обраќање пред новите советници, рече дека ќе работи во интерес за граѓаните и за развој на Општината. Најави соработка со градоначалникот Максим Димитриевски кој е лидер на нејзината партија. невладините организации, бизнис заедницата, и ги повика советниците од власта и опозицијата да даваат конструктивни идеи како да се решаваат проблемите.
„Приоритет ќе ми бидат јавните претпријатија, кои треба да ги ставиме на здрави нозе за да да пружаат квалитетна услуга на граѓаните, воведување на комунален ред, решавање на сообраќајниот хаос и хигиената на градот, бидејќи тоа го ветувавме како политички партии пред изборите на граѓаните“, изјави Ѓорѓиевска.
Таа додаде дека Општина Куманово ќе има силна поддршка од Владата, и во наредниот период ќе бидат реализирани големи инфраструктурни проекти во централното градско подрачје и во населбите, при што ги повика граѓаните да бидат трпеливи додека се работи на терен.
Советот на Општина Куманово овој мандат ќе брои 31 советник, наместо 33, поради намалениот број на жители. Мнозинство ќе го сочинуваат седум советници на Движењето ЗНАМ, шест од ВМРО-ДПМНЕ, три од ДПСМ и тројца од „Вреди“. Опозиција се четири советници од коалицијата на СДСМ, пет од коалицијата на ДУИ, двајца на независната листа „Ред за Куманово“ и еден на Левица.
Иако конститувната седницата требаше да биде свечена и започна со химна испеана во живо од кумановскиот оперски пејач Дарко Тодоровски, ја обележаа партиските несогласувања.
Советниците на коалицијата на ДУИ, која не се дел од мнозинството иако има повеќе советници од „Вреди“, ја напуштија седницата пред гласањето, незадоволни од тоа што не биле консултирани за предлогот за претседател, а потоа и затоа што немаше нивен член во комисијата за мандатни прашања. Тие сметаат дека го имаат правото да ги претставуваат албанските граѓани затоа што ја добиле нивната поддршката во Куманово по бројот на освоени гласови.
На почетокот на неделата функцијата ја презеде и досегашниот градоначалник Максим Димитриевски, кој денеска во Советот им посака успешен мандат на новите советници.
С. НИКОЛИЌ



