Во средината на декември, во Завод и Музеј Битола ќе биде отворена Спомен-собата посветена на Кирил Македонски (1925-1984), композиторот на првата македонска опера „Гоце“, голем музичар, диригент, автор на пет симфонии, камерни дела, над 300 детски песни, хорски дела и други композиции. Во неа ќе биде сместена оставнината на композиторот која на Завод и Музеј му ја подари неговата ќерка Пламенка Македонска.
Во установата секојдневно стигнуваат материјали кои се поврзани со животот на композиторот. Од тимот кој работи на обработка и дигитализација на материјалите, како и на подготовка на Спомен-собата, велат дека располагаат со толку многу документи и други лични предмети на Македонски, што е невозможно сите да се сместат во собата. Некои од нив во оригинали ќе бидат изложени во 10 витрини, од кои една посебна за неговата лична библиотека, а во друга ќе биде сместен клавирот на кој тој ја компонирал првата македонска опера „Гоце“.

Раководителот на проектот Зоран Николовски и координаторката на проектот Ирена Ружин со донацијата од семејство на Македонски. (Фото: СДК.МК)
„Градежните работи во најголем процент се завршени. Останува да се досреди содржината и дизајнот, односно визуелниот впечаток, како треба да изгледа собата. До средината на декември ќе биде завршена и ќе се отвори. Сакаме да ја запазиме оваа година зашто сега се навршија 100 години од раѓањето на Кирил Македонски. Имаме многу артефакти и реално не може да ги собере сите, затоа тие се обработуваат и дигитализираат, па дел ќе бидат преставени преку тапети на ѕидовите. Собата ќе биде богат содржински исечок од животот на големиот композитор“, вели Зоран Николовски, раководител на проектот и задолжен за дизајнот на собата.
Таа ќе биде сместена во постојаната поставка во Музејот, односно во просторијата каде порано беше градската соба, која од претходно е префрлена на друга локација.

„Кирил Македонски истражувал, читал многу психологија, располагал со стари оригинални книги од оваа област, зборувал и преведувал на повеќе јазици“, вели Митровска. (Фото: СДК.МК)
Како надворешен музички соработник во проектот е вклучена Маја Митровска, наставничка по соло пеење во Државното музичко училиште во Битола. Таа вели додека ги обработуваат материјалите, наидуваат на значајни податоци од животот на Македонски.
„Освен големо национално значење, како автор на првата опера ‘Гоце’, а потоа и на оперите ‘Цар Самуил’ и ‘Илинден’, тој има и меѓународно значење зашто во текот на животот многу често соработувал со колеги од странство, учествувал на разни симпозиуми од највисок ранг во Европа и Америка. Во Аризона бил доктор на науки по филозофија за музикотерапија. Од Сенатот во Америка пристигнало писмо за да биде консултат на сенаторот во областа на уметностите и психологијата. Истражувал, читал многу психологија, располагал со стари оригинални книги од оваа област, зборувал и преведувал на повеќе јазици“, вели Митровска.

Документот кој покажува дека бил директор на Музичкото училиште во Битола во 1957/58 . (Фото: СДК.МК)
Бил голем хуманист, работел во Центарот за слух и говор во Скопје со лица со попречености помагајќи им со музикотерапија.
„Напишал и многу детски песни , од кои дел уште во ракопис и треба да се обработат. Пишувал и музика за филм, работел на околу 15 филмови во поранешна Југославија. Правел музика за театарски претстави во повеќе театри во државата“, додава Митровска.
Меѓу материјалите има и документи кои покажуваат дека бил директор на Музичкото училиште во Битола во 1957/58 , каде пак има иницијатива од ќерката на композиторот тоа да го носи неговото име. Иницијативата е поддржана од многу релевантни институции и поединци.

„Собата ќе биде богат содржински исечок од животот на големиот композитор“, вели Зоран Николовски. (Фото: СДК.МК)
„Изложбата ќе содржи лични документи и предмети, фотографии, инструменти за музикотерапија, радио, машината за пишување, грамофон, куфери, меѓународни дипломи, награди, писма, весници, оригинални плакати од опери, партитури, објавени и необјавени трудови, 500 книги од неговата библиотека, макети и цртежи од познати уметници за сценографии за опери и друго. Поради обемниот материјал, ќе се прави селекција, а поставката ќе може да се обновува и дополнува“, вели д-р Ирена Ружин, координаторка на проектот и ќерка на диригентот и професор по музика Георги Здравев, внук на композиторот Македонски, кој се залагаше делото да се спаси од заборав.
Отворањето на Спомен-собата е поддржано од Министерството за култура.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



