ПЛАНИНАРСКИОТ КЛУБ „ЉУБОТЕН“ ОД ТЕТОВО ПРОСЛАВИ 100 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ, БАРА ДА СЕ ОТВОРИ МУЗЕЈ НА ПЛАНИНАРСТВОТО

    ПЛАНИНАРСКИОТ КЛУБ „ЉУБОТЕН“ ОД ТЕТОВО ПРОСЛАВИ 100 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ, БАРА ДА СЕ ОТВОРИ МУЗЕЈ НА ПЛАНИНАРСТВОТО„Сè започнува во 1920-тите години кога во Тетово доаѓа Орестије Крстиќ, шумарски инженер кој студиите ги завршил во Франција“, рече Јован Божиновски на свеченоста во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Во Тетово, на свечена академија со поранешни и сегашни членови на клубот и претставници на институции, се одбележа 100-годишнината од формирањето на Планинарскиот клуб (ПК) „Љуботен“, најстариот планинарски клуб во Македонија.

    Формиран во 1925, „Љуботен“ низ сите овие години непрекинато постоење, создаде вистинска историја за македонското планинарство. Но, не само врз планинарството, туку од неговите редови произлегоа и првите скијачи во Македонија, се работеше на изградба на планинарски домови, а во денешно време „Љуботен“ е активен и на зачувувањето на природата на Шар Планина и развивање на планинскиот туризам.

    „Сè започнува во 1920-тите години кога во Тетово доаѓа Орестије Крстиќ, шумарски инженер кој студиите ги завршил во Франција. Тој овде во Тетово наоѓа сродни луѓе кои се љубители на планината и заедно на 23 март 1925  официјално го формираат Планинарското туристичко друштво ‘Љуботен’.  Крстиќ подоцна ќе стане и градоначалник на Тетово. Луѓето кои тогаш почнале да се движат низ Шар Планина запознале нешто ново за нив, започнале да истражуваат со цел да се дојде до една одредена точка на планината, на тоа место да се помине едно одредено време, да се направи успех и да се ужива во тоа и да се види нешто што до тогаш го немале видено на планината. Иако во тој период приликите во Тетово биле тешки, само пред неколку години завршиле три големи војни, двете Балкански војни и Првата светска војна, тие луѓе сепак наоѓале време за еден вид спорт, па и забава во тоа што ќе се движат низ планината. Еднаш кога имавме средба со Никола Коларот, а тој беше мајсторот кој во тие години прв во Тетово почна да прави скии и еден од првите членови на клубот, го прашавме што требало да се има од опрема за планинарење, а тој ќе кажеше ‘Ние имавме волја и голем ќеиф да одиме на Шара’. Иако тогаш ја немале потребната опрема за планинарење, гледале, учеле од луѓе кои биле испратени на обука во други поразвиени планинарски земји, како што членот на клубот Цоне Аврамовски бил испратен во Словенија, во Марибор на обука, и тоа знаење и искуство го пренесувале кај младите тетовски планинари, а подоцна и кај првите скијачи“, вели Јован Божиновски, претседател на „Љуботен“.

    Набрзо после планинарењето доаѓа и скијањето, па е формирана и скијачката секција во рамките на „Љуботен“, а клубот интензивно работи и се развива. Во 1931  тие го градат планинарскиот дом, веднаш под врвот Љуботен и тоа е првиот планинарски дом во Македонија, а во 1935 се гради планинарски дом на Попова Шапка. Со ова почнуваат да се организираат и првите скијачки натпревари.

    „Нашето друштво ги организира и првите скијачки натпревари. Мошне интересно е како се одвивале тие натпревари. Тогаш до Попова Шапка немало никаков пат. Натпреварувачите со ските на рамо пеш оделе од Тетово до Попова Шапка, а од таму организирале натпревар повторно пеш назад во Тетово. ‘Љуботен’ е познат и по традиционалното искачување на Титов Врв. Овој настан веќе сам по себе е бренд на ‘Љуботен’. Искачувањето почнало во 1970-тите години, а било организирано во чест  на Денот на младоста односно на роденденот на Јосип Броз-Тито. По смртта на Тито во 1980, започнува меморијално искачување на Титов Врв. Ако на почетокот имало помалку учесници на ова искажување, од година в година Меморијалот прераснува во традиција па расне и број учесниците, па имаше години кога и над илјада планинари кои се искачуваа на овој највисок врв на Шар Планина“, вели Божиновски.

    „Љуботен“ е еден од најактивните планинарски клубови во Македонија. Со новите времиња доаѓаат и нови предизвици за клубот па сега освен планинарењето, големо внимание се посветува и на заштита на природата, Клубот имаш голема улога во прогласувањето на Шар Планина за национален парк, а се работи и на развој на туризмот на Шара.

    Низ овие сто години од постоењето „Љуботен“ има собрано голема архива документи, фотографии и предмети поврзани со планинарењето, па има голема желба еден ден да се отвори музеј кој ќе биде посветен на планинарството во Македонија.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира