Подигнат е водостојот на реката Драгор во Битола поради обилните врнежи дожд, а екипи на јавните претпријатија на терен со механизација интервенираат на критичните точки за да не дојде до несакани последици. Од Општината соопштија дека засега ситуацијата е стабилна, а екипите ќе продолжат со активности во текот на целиот ден, онолку долго колку што е потребно.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека е поплавена и фарма во битолското село Породин, а има и одрон на патниот правец Битола-Прилеп кај село Лознани. Жители на пограничното село Лажец се пожалија дека кај нив се излеала Граевска Река и предизвикала поплава во домови, дворови, штали и земјоделски површини.
Битолчани денес се соочуваат и со намален притисок на водата од градскиот водовод зашто интензивните врнежи дожд ги заматија водотеците, а се пумпа вода само од Стрежевското Езеро.
„Не можеме да прибираме вода од планинските водотеци зашто е матна и со органски материи како последица на венежите. Воедно, вчера поради невремето во текот на ноќта и филтерницата и на пумпната станица во неколку наврати беа без струја“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на ЈП Водовод, Андреј Гинов.
Според Управата за ходрометеоролошки работи (УХМР), во Битола за 24 часа наврнаа над 30 литри дожд на метар квадратен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



