Екипи на Град Скопје ги отстранија барокните канделабри кои осум години стоеја расфрлани на Плоштадот ВМРО во Скопје, пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај тргањето на канделабрите, се чисти и ѓубрето кое беше насобрано околу нив и се поставува зеленило.
Барокните канделабри беа поставени во 2016 во рамките на изградбата на Плоштадот ВМРО, во време на ексградоначалникот Коце Трајановски. Откако инвеститорот на хотелот ТЦЦ „Плаза“ (поранешно „Беко“) почна со изградба на новиот објект, канделабрите беа извадени и оставени да стојат на плоштадот. Освен што беа оштетени и искршени, служеа и како канти за отпадоци, а на нив висеа закачени кеси со ѓубре и пластични шишиња. Исто така го блокираа и движењето низ плоштадот, а оштетен е и плочникот.
Изградбата на Плоштадот ВМРО чинеше околу 1,5 милиони евра, пари кои беа обезбедени од буџетот на Град Скопје. Фонтаната е изведена по идејно решение на Елена Дуковска. На врвот стои лав, а на столбот релјефи од историјата на ВМРО.
А. АНТЕВСКА



