Нов апарат за магнетна резонанца од 1,5 Тесла, два лапораскопски столбови, инструментариум, односно апаратура за користење во салите за трауматологија доби Kлиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје од Владата.
Директорот на клиниката, д-р Небојша Настов, кажа дека изминатата година во болницата е обезбедена најсовремена медицинска опрема во вкупна вредност од 90 милиони денари (1,5 милиони евра).
„Со овие нови генерации апарати за магнетна резонанца се скратува времетраењето на прегледите односно се зголемува бројот на прегледи кои може да се извршат во текот на еден ден, што значи дека ако во претходниот период со оној апарат кој сме го имале и бил стар 16 години и сме правеле 4.000 магнетни резонанци на годишно ниво, тоа подразбира дека очекуваме дека со новиот апарат да правиме најмалку 5.000, а тоа се зависи од бројот на смени во кои ќе се работи“, рече директорот д-р Небојша Настов.



