Планираме да се направи комплетно посебен влез за Ургентен центар во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје за да не се создаваат гужви меѓу пациентите, рече денеска директорот д-р Небојша Настов, при промоцијата на нова опрема. Влезот на поранешната Градска болница е полн со пациенти, едни чекаат за прегледи преку „Мој термин“, други чекаат за итни интервенции.
„Планот е во соработка со Владата, да се отвори Ургентен центар, кој ќе има комплетно посебен влез каде нема да се мешаат ургентните пациенти со оние кои доаѓаат на редовни контроли и оние кои доаѓаат закажани со ‘Мој термин’. Нема да се бара екстра градба, туку тоа ќе се реши со пренамена на други простории“, рече д-р Настов.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека болницата е заштитена како споменик на културата и дека не може така лесно да се интервенира.
Болницата, позната како Стара Градска, почнала да се гради во 1931 и е дело на хрватскиот архитект Драго Иблер. Според Википедија, објектот на Градската болница долго време бил под заштита на Конзерваторскиот центар од Скопје како градителско наследство, со акт од 1996 година.
„Оваа зграда е споменик на културата и така лесно не можете да интревенирате, има процедури. Јас сум поддржувач на планот, да направиме одредени реконструкции, но за тоа треба да имаме соодветни правни документи кои ќе ја дозволат таа реконструкција. Ја видовме долу сликата со гужвите, не е добра, а за да биде добра, треба координирана акција и дозволи“, рече Мицкоски.
Потребата од дополнителен простор за Болницата, уште лани ја истакна тогашниот директор, д-р Љубен Арсенов, кога кажа дека се потребни уште простории, зградата е стара 93 години и секое ќоше е искористено.
Во јануари 2024 пред парламентарните избори во април 2024, д-р Арсенков го презентираше проектот за доградба пред новинарите, тогашниот премиер Димитар Ковачевски и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити, за кој рече дека е и негова и желба на сите вработени, и е од голем интерес за македонското здравство.
Директорот тогаш кажа дека се работи за доградба во делот на паркингот, со тоа што со топол премин би била поврзана до самата установа. Додаде дека топлиот премин би служел како настрешница, која во моментот недостасува и за да ги запазат еколошките моменти, на крај би завршиле горе на покривот со зелен покрив.
„Верувајте толку е голема функционалноста на оваа работа што би ја направиле, пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија. Преоптеретени се сите сали, ќе добиеме други простори во болницата. Зградата е стара 93 години, што и да правиме овде не можеме веќе. Секое ќоше го искористиве.
Но, има мал проблем, верувам министерот ќе се заложи. Конзерваторски центар не ни дава да го споиме ова со зградата затоа што е заштитена како архитектонски објект. Ова ви го покажувам денеска, да прикажеме дека е од особено значење за јавниот интерес. Не ја грди зградата, не нарушуваме ништо“, рече д-р Арсенков.
Премиерот Ковачевски искоментира: „Кажете им во Конзеваторски дека пред Лувр има стаклена пирамида“, а министерот Меџити кажа дека ќе се сретне со директорите на Болницата и верува после изборите тоа ќе се изведе и дека е завршена работа.
Б. НЕСТОРОСКА



