ВО ЗЕМЈАВА ИМА 37 РАДИОЛОЗИ И ОНКОЛОЗИ, А 344 ГИНЕКОЛОЗИ, АЛИУ НАЈАВИ ИЗМЕНИ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИТЕ

    ВО ЗЕМЈАВА ИМА 37 РАДИОЛОЗИ И ОНКОЛОЗИ, А 344 ГИНЕКОЛОЗИ, АЛИУ НАЈАВИ ИЗМЕНИ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИТЕБројот на вработени во јавен и приватен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во јавноздравствени установи, а 13.847 во приватно здравство. (Фото: К. Попов)

    Нема веќе конкурси за специјализации и за вработувања според желби, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу, претставувајќи ја анализата на податоци на моменталната ситуација на човечките ресурси во јавните и приватните здравствени установи низ земјава.

    Според министерот, ваква анализа за првпат е направена во земјава, податоците се достапни во реално време и отсега таа ќе биде матрица за вработувања, за префрлувања во други установи, за специјализации, бидејќи се случува да има преголем интерес за одредени области, а за други да фалат специјалисти.

    Според моменталната ситуација во однос на специјалистите, меѓудругите, во земјава има 344 специјалисти по гинекологија и акушерство, 284 педијатри, 154 анестезиолози, 37 специјалисти за радиотерапија и онколофија, по 1 лекар за детска и адолесцентна психијатрија, детска кардиохирургија, 4 невропсихијатри.

    Алиу најави дека наскоро ќе објави информации за измени во однос на специјализациите.

    (Извор: Министeрство за здравство)

    „Тоа значи дека кога ќе се зборува за нови вработувања тоа ќе биде одговор на конкретни потреби да здравствениот систем. Кога ќе кажеме дека ќе се зајакне примарното здравство во некоја општина, точно ќе знаеме колку лекари и сестри треба да има таму, кога ќе кажеме дека нема да дозволиме да има градови со двојно помалку лекари по жител, ќе знаеме како да го исправиме тоа. Здравството не може да се реформира ‘на слепо’, не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат, со каква стручност“, кажа министерот.

    Во државата има вкупно 3.779 здравствени установи (во моментот кога е направена анализата). Од овие здравствени установи 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а надвор од мрежа се 837 установи. Од 2.942, 2.830 се приватни здравствени установи (ПЗУ), а 112 се јавни установи – од кои 108 се јавни здравствени установи (ЈЗУ) и 4 институции кои даваат јавни здравствени услуги, како што се Воено-медицински центар, МАНУ, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Медицински Факултет и Фармацевтски факултет – Скопје.

    Бројот на вработени во јавен и приватен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во ЈЗУ, а 13.847 во ПЗУ. Од 13.847 вработени, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а останатите 4.807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор)

    Од 18.536 вработени во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво се 4.746. Медицински сестри се 7.003 во ЈЗУ, како и останати медицински и немедицински кадар во ЈЗУ ( во кој се опфатени над 550 називи според меѓународната ИСЦО класификација (пример возач на брза помош, хигиеничар, магационер, клинички фармацевт и друго).

    „Има профили кои се повеќе отколку што треба во државата, а има профили кои недостигаат, кои ќе бидат приоритет во иднина. Ќе правиме редистрибуција на човечките капацитети. Тоа значи дека ако институција А има пет лекари од областа А, а само тројца се потребни, тогаш двајца ќе треба да одат во институција Б, бидејќи таму има недостиг. Со таа реорганизација на човечките капацитети, ќе можеме во оваа фаза да оптимизираме човечки ресурси, но тоа нема да го реши проблемот со недостигот на медицински кадар.

    Затоа ќе продолжиме понатаму интензивно за нови специјализации и профили. И таму правиме голема реформа, специјализациите нема да бидат како што овие 15 години ги креираме, тој профил на кадар. Дојдовме до заклучок дека неопходни се општи специјализации кои ги немаме, затоа ги враќаме и за една недела ќе имаме прес-конференција на тема специјализации. Ве уверувам дека за месец, месец и пол ќе видите дека сите слободни места за специјализации ќе бидат базирани на оваа табела, а не на телефонски повик од типот’ Сакам моето дете да биде ваков или таков доктор’. Паралелно работиме со нашите лекари и медицински сестри кои се надвор од државата за да може некој од нив да се вратат. Тројца веќе вративме во Македонија“, кажа Алиу.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира