ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ВО ОХРИДСКО ПРЕДИЗВИКАА ПОПЛАВИ, УНИШТЕНА ПОКУЌНИНА И НИВИ ПОД ВОДА ВО СЕЛО ОРМАН

    ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ВО ОХРИДСКО ПРЕДИЗВИКАА ПОПЛАВИ, УНИШТЕНА ПОКУЌНИНА И НИВИ ПОД ВОДА ВО СЕЛО ОРМАН„Секоја година апелираме до Центарот за управување со кризи да се води сметка за ова критично место на Коселска Река, но сето тоа така останува“, велат мештаните кои најавија тужби до надлежните за штетите кои ги претрпеа. (Фото: СДК.МК)

    Поради обилните врнежи изминатите неколку дена се излеа Коселска Река. Поплавени се десеттина куќи во селото Орман Охридско, уништена им е покуќнината, а нивите останаа под вода. Мештаните, кои се отсечени од градот, велат дека дополнителен проблем за поплавите се дивоградбите и нередовното чистење на коритото и каналите.

    „Секоја година апелираме до Центарот за управување со кризи (ЦУК) да се води сметка за ова критично место на Коселска Река,  но сето тоа така останува. Пред десетина години се прочисти, но недоволно“, велат мештаните кои најавија тужби до надлежните за штетите кои ги претрпеа.

    Поради одрони и поплави денеска затворен беше дел од патот Охрид-Свети Наум, а поплавени се и делови во населбата Воска и на улица Железничка.

    Од ЦУК велат дека поради покачени водостои на реките на повеќе места има ризик за излевање и поплавување, а екипите за интервенции биле на терен кај критичните места. Од Општина Охрид велат дека екипите на јавни претпријатија постојано се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи од дожд, кои го зафатија Охридскиот Регион во изминатите неколку дена.

    ‎„Се работи на неколку локации низ градот каде што имаше поплавување на улици и јавни површини, предизвикани од излевање на водотеци и атмосферска канализација. Во делови од градот, водата достигна повисоко ниво, поради што беше неопходно испумпување за да не се предизвикаат штети врз објектите. Покрај справувањето со поплавените површини, екипите на јавните претпријатија интервенираа и на неколку локации каде што силниот дожд и ветерот предизвикаа пад на дрвја, со што беа блокирани делови од јавните површини“, велат оттаму.

    ‎Општина Охрид апелира граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира