ИЗЛОЖБАТА ЗА ВЕЛЕШКА „ПОРЦЕЛАНКА“ ЗАВРШИ, ОТИ ВО ГРАДОТ НЕМА ЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ  ЗА 300 ПОРЦЕЛАНСКИ ПРЕДМЕТИ ДА СЕ ИЗЛОЖАТ НЕКАДЕ КАКО ТРАЈНА ПОСТАВКА

    ИЗЛОЖБАТА ЗА ВЕЛЕШКА „ПОРЦЕЛАНКА“ ЗАВРШИ, ОТИ ВО ГРАДОТ НЕМА ЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ  ЗА 300 ПОРЦЕЛАНСКИ ПРЕДМЕТИ ДА СЕ ИЗЛОЖАТ НЕКАДЕ КАКО ТРАЈНА ПОСТАВКАМеѓу изложените предмети имаше вредни сервиси за кафе и чај, изработени со 18 каратно злато од „Мајданпек“, верни на оригиналот и работени по тек на Венецијанските сервиси. -Јасминка Намичева, една од авторите на проектот (Фото:СДК.МК)

    Авторите на изложбата „Порцеланови луѓе“, веќе ја пакуваат од Ликовниот салон во Велес. Повеќе од 300 експонати заминуваат од Салонот, каде изложбата беше поставена две седмици.

    Обидите на авторите да се најде простор во Велес каде ќе биде во иднина поставена,  засега се без успех.  Изложбата со раскошните производи од порцелан предизвика голема заинтересираност кај велешани, но и на граѓани од Скопје, кои специјално за оваа пригода доаѓаа да ја посетат.

    „Да не дозволиме фабриката да пропадне во спомените на идните генерации. Молба до градоначалникот поставката да ја направиме спомен куќа на порцеланот“, кажа на отворањето Јасмина Дамјановска, една од авторките, која побара изложбата и предметите да добијат соодветен простор и да бидат достапни до јавноста во Велес.

    Фабриката за порцелан „Борис Кидриќ“ работеше во градот скоро пет децении од 1954 до 2003 годинс и таму егзистенција обезбедувале до четири илјади работници.

    Јасминка Намичева, автор нa проектот, вели дека ако Велес не сака, има можности во друг град да се постави како трaјна поставка.

    „Оваа поставка како спомен куќа на порцеланот може да егизстира и во Cкопје. Важно е да остане некаква трага за идните генерации. Преку различни форми, не мора дa бидеме трошок на Велес, преку донaции, спонзорства, може да работи и да опстои. Времето ќе покаже“, се надева Намичева.

    Промоторот Кирил Пенушлиски, историчар на уметност, смета дека со оваа изложба производите на „Порцеланка“ се трансформираат во културни артефакти.

    „Таа ја обнови вредноста за индустриското наследство. Изложбата потсетува дека фабриките можат да бидат храмови на уметност. Така отвораме една врата кон сеќавањата, културна историја која не смее да биде заборавена“, рече Пенушлиски на отворањето на изложбата.

    Бројните порцелански предмети, за зачувување од бришењето на меморијата ќе останат во домовите на четворицата автори, до нејзината следна евентуална поставка. Меѓу изложените предмети имаше вредни сервиси за кафе и чај, изработени со 18 каратно злато од „Мајданпек“, верни на оригиналот и работени по тек на Венецијанските сервиси. Или сервиси за ручек со кобалт и злато, кои кога Тито ги видел на саемот во Загреб во 70-тите години од минатиот век, побарал таква да има на Бриони.

    „Треба овие работи да останат  јавни како документ на едно време. Да се отвори нешто, овие експонати да се зачуваат за идните генерации, да видат што се правело, што е постигнато, што е направено“, кажа  дизајнерот Тодор Јованов од Велес, кој работел во „Порцеланка“.

    За овие 15-тина дена ниту еден од 300 порцелански експонати не беше оштетен и сите беа уредно спакувани и вратени во домовите на авторите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира