Полициски службеници од ОВР Гостивар затекнале 13 девојки, од кои четири биле од Македонија, а девет од Колумбија, при извршена контрола во угостителски објект во гостиварското село Добридол. Колумбијките се приведени и изречена им е едногодишна забрана за влез во Македонија, а добиле и парична казна.
„На 25.11.2025 во 1:30 часот, при преземање мерки и активности од страна на полициски службеници од ОВР Гостивар, во угостителски објект во с. Добридол, Гостиварско биле затекнати 13 женски лица, од кои девет државјанки на Колумбија и четири македонски државјанки. Поради злоупотреба на туристичкиот престој, странските државјанки се приведени и против нив се поднесени пријави, а Основен суд Гостивар им одреди забрана за влез во РСМ во времетраење од една година и парична казна“, соопштуваат од СВР Тетово.
Ако до неодамна во дел од тетовските и гостиварските угостителски објекти, под закрилата на келнерки и танчарки, најчесто доаѓаа Украинки, Молдавки, Албанки, па и Бугарки, во последниов период сѐ повеќе се затекнуваат девојки од Јужна Америка. Тие најчесто доаѓаат од Бразил, Аргентина и Колумбија. Полицијата ги приведува зашто го злоупотребуваат туристичкиот престој во Македонија и работат во угостителски објекти, а неретко овие девојки се и жртви на трговија со луѓе и проституција.
З. АНДОНОВ



