ФАТМА АЗЕМОВСКА ОБЈАВИ КНИГА СО МИСЛИ ОД ПОЧИНАТИОТ СОПРУГ, ЕКО-АКТИВИСТОТ НЕШАТ АЗЕМОВСКИ И ГИ НАРЕЧЕ „НЕШАДИЗМИ“

    ФАТМА АЗЕМОВСКА ОБЈАВИ КНИГА СО МИСЛИ ОД ПОЧИНАТИОТ СОПРУГ, ЕКО-АКТИВИСТОТ НЕШАТ АЗЕМОВСКИ И ГИ НАРЕЧЕ „НЕШАДИЗМИ“Аземовски беше меѓу првите активисти за здрава животна средина во Битола. - Семејството Аземовски/Насловната страна на книгата. (Фото: Приватна архива)

    М-р Фатма Бајрам-Аземовска, библиотекарка од Битола и голем активист за правата на Ромите, ја уреди книгата која содржи 1.088 паметни мисли запишани од нејзиниот сопруг Нешат Аземовски, еден од пионерите на еко-активизмот во државата, кој почина во 2019 на 45-годишна возраст.

    Книгата, која излезе од печат деновиве, е насловена по неговото име, „Нешадизми“. Во неа, Бајрам-Аземовска се јавува во улога на приредувачка, а како уредничка заедно со нејзината колешка Гордана Ѓоргиевска-Неделковски. Издавач е Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола.

    „Нешадизми“ претставува збирка на размисли, афоризми, животни мудрости и духовити согледувања на реалноста, создадени од Аземовски. Ова не е класична книга, туку повеќе личи на филозофски дневник исполнет со кратки, но моќни мисли што ги опишуваат секојдневието, човечките односи, апсурди и животни дилеми. Зад секоја кратка реченица стои подлабока смисла.

    Фатма Бајрам-Аземовска и Гордана Ѓоргиевска-Неделковски ја уредија книгата.

    „Со мешавина од хумор, сатира, иронија и длабоки егзистенцијални пораки, авторот создава изрази кои ги поттикнуваат читателите да размислуваат, да преиспитаат сѐ што ги опкружува. Авторот создава ‘огледало’ во кое читателите можат да се препознаат, да се насмеат на сопствените слабости, но и да научат нешто ново за себе и светот околу нив“, вели Бајрам-Аземовска во резимето на „Нешадизми“.

    Меѓу бројните мисли кои Нешат ги оставил зад себе, некои се посветени на неговата сопруга, како: „И токму кога помислив дека сум блиску до совршенството, се појави таа,-мојата сопруга, да ми ја уништи илузијата, да ме врати во реалноста и да ми покаже нов правец на моите мисли во стремежот кон совршенството“.

    Меѓу мислите што Нешат ги запишал има и по некоја од неговата сопруга Фатма, како и од ќерката Леона.

    Аземовски беше меѓу првите активисти за здрава животна средина во Битола и основач на една од првите еколошки невладини организации во Македонија, „Биосфера“, со која работеа на подигање на еколошката свест кај населението.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира