Премиерот Христијан Мицкоски вели дека многу скоро ќе има одговор дали бил во право за вчерашното тврдење дека Уставниот суд ќе го укине линеарното покачување на пензиите. Тој вели дека би сакал да не е во право.
„Ќе кажам дека вчера за време на пратеничките прашања бев многу прецизен и кажав дека имам информации дека е отпочната постапка и оти судијата известител ставил потпис на конечниот извештај со кој се укинува линеарното зголемување на покачувањето на пензиите за пензионерите од следниот месец. Дали тоа ќе се случи ќе видиме наскоро, дали сум бил во право, дали информацијата била точна или не. Многу скоро ќе добиеме одговор. Јас би сакал да не сум во право. Еве посакувам да не сум во право, но што ако сум во право. Тогаш кој е тој што прави хаос и кој свесно удира по стандардот на пензионерите. Владата со тие мерки сакаше да го подобри стандардот на повеќе од 330 до 350 илјади пензионери. Некој друг има поинакви намери“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на настанот.
Тој вчера, на седницата за пратенички прашања во Собранието, кажа дека судијка на Уставниот суд, според негови информации, ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите.
Потоа Уставниот суд соопшти дека сè уште не е донесена конечна одлука за предметот кој се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, познат во јавноста како линеарно зголемување на пензиите.
Уставниот суд додаде дека во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука.
„Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање“, соопштија вчера од Уставен суд.
Дури и да се укине покачувањето од 1.000 денари изгласано со закон, пензионерите нема да добијат помали пензии, туку ќе добијат покачување согласно законското усогласување. Најниските пензии би добиле околу 1.300 денари покачување место тие 1.000 денари на Мицкоски, а повисоките би добиле уште повеќе.



