Основачот на швајцарската организација за право на смрт „Дигнитас“ почина со асистирано самоубиство, соопшти групата. Лудвиг Минели починал неколку дена пред неговиот 93. роденден.
Групата му оддаде почит на Минели, велејќи дека тој цел живот се борел за „слобода на избор, самоопределување и човекови права“.
Минели ја основал „Дигнитас“ во 1998, која оттогаш им помогнала на илјадници луѓе да умрат. Во последните децении, некои земји го променија својот став за потпомогнато умирање, при што Австралија, Канада и Нов Зеланд воведоа закони.
Многу луѓе на кои им помогнал „Дигнитас“ морале да патуваат во Швајцарија бидејќи асистирано умирање не е дозволено во нивните земји.
Минели ја почнал кариерата како новинар и бил известувач за германското списание „Дер Шпигел“, по што студирал право и се заинтересирал за човекови права. По основањето на „Дигнитас“ се соочил со бројни правни предизвици, поднесувајќи повеќе успешни жалби до Врховниот суд на Швајцарија.
„Дигнитас“ соопшти дека неговата работа има трајно влијание, посочувајќи ја пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2011, со која се потврдува правото на лице способно за проценка да одлучи за начинот и времето на крајот на својот живот.
Евтаназијата е нелегална во Швајцарија, за разлика од асистирано умирање, при кое лицето добива смртоносни лекови од лекар, кои потоа сам ги зема.



