Двајца американски војници и еден американски цивилен преведувач загинаа во Сирија откако паднале во заседа на вооружен напаѓач на Исламската држава (ИСИС), соопшти Централната команда на САД.
Во нападот се повредени уште тројца припадници на армијата, при што напаѓачот бил застрелан и убиен.
Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи напиша дека тоа било „напад на ИСИС“ против САД и Сирија и порача дека ќе следи „многу сериозна одмазда“. Сириската влада издаде соопштение во кое го осуди нападот.
Идентитетот на загинатите нема да биде соопштен 24 часа, додека не бидат известени нивните најблиски семејства, велат од Централната команда на САД.
Во објава на мрежата „Икс“, Централната команда на САД, која раководи со американските воени операции во Европа, Африка и Индо-Пацификот, наведе дека нападот бил „резултат на заседа од осамен напаѓач на ИСИС“, додека претставник на Пентагон изјави дека првичните проценки покажале оти нападот „веројатно“ бил извршен од групата Исламска држава.
Спротивно на овие тврдења, Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, соопшти дека напаѓачот бил член на сириските безбедносни сили. Засега ниту една група не презела одговорност за нападот, а идентитетот на напаѓачот не е објавен.
Заседата се случила во Палмира, во централниот дел на земјата, додека војниците биле на службена задача и имале средба со клучни лидери, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел. Тој додаде дека нападот е под истрага.
„Овој напад се случи во област каде сирискиот претседател нема контрола“, рече претставник на Пентагон.
Трамп додаде дека тројцата повредени американски војници се во добра здравствена состојба. Сириските државни медиуми објавија дека во инцидентот биле повредени и двајца припадници на сириската служба.



