Откриени се 11 археолошки локалитети на преспанското крајбрежје од македонска страна, а како најрелевантен за понатамошно истражување се покажа оној кај село Наколец, каде се пронајдени голем број движни археолошки наоди. Овој локалитетот претставува прв и засега единствен пример на благороднички имот во македонската археологија датиран во периодот на 14. век.
Истражувањата започнаа како активност на Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам Љубојно, а во рамките на проектот ACT4PRESPA, со цел да се идентификуваат, документираат и заштитат археолошките богатства во и околу езерото.
Ова се првите подводни археолошки истражувања на Преспанското Езеро, кои открија редок органски материјал и невообичаени факти за древните жители, кои се од историско значење за културното наследство на Македонија. Во првите две фази, стручен тим спроведе истражување на македонскиот дел од преспанското крајбрежје од границата со Грција до онаа со Албанија.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на Езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, вели Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.

Ова се првите подводни археолошки истражувања на Преспанското Езеро, кои открија редок органски материјал и невообичаени факти за древните жители, кои се од историско значење за културното наследство на Македонија, (Фото: Завод и музеј – Битола)
По повлекувањето на нивото на Езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи да се извршат сондажните археолошки истражувања на локалитетот во близина на село Наколец. При истражувањата беше откриен дел заштитен со дрвена палисада и голем број движни археолошки предмети. Посебно внимание привлече пронаоѓањето на предмети изработени од органски материјали: дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Ваквите наоди се прв и единствен пример, на зачувани предмети од органски материјали од локалитет кој е датиран во временската рамка од крајот на 13. сѐ до крајот на 14. век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање. Тоа ни овозможува уникатен увид во минатото на заедниците“, вели Петров.
Првичните анализи упатуваат дека средновековните жители во Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, факт кој изненадува со оглед на близината на езерото. Досегашните податоци сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди кај Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку воопшто за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и како такви може да претставуваат вистински ресурс за развој на културниот туризам во регионот“, вели д-р Мери Стојанова од Завод и музеј – Битола и координаторка на проектот ACT4PRESPA.
Сите пронајдени керамички и метални предмети се депонирани во Завод и музеј -Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Центарот за археологија во Лајбниц, Германија. Овој процес би требало да трае најмалку една година, по што предметите би биле достапни за јавност.
Истражувањата се реализираат во рамки на проектот ACT4PRESPA преку програмата ЕУ за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро. Партнери се Завод и музеј – Битола, Граѓанската рганизација за развој на алтернативен туризам Љубојно, Македонија, Универзитет „Аристотел“ од Солун и Идеја за култура од Грција и Национален музеј на средновековна уметност од Корча, Албанија.
Истражувањата се реализираат со силна поддршка од локалната заедница кои во неколку наврати ги пријавуваат пронајдоците и активно помагаат во заштитата на локалитетите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



