„Има Варшава, сега ќе има и Битола – кино под ѕвездите за зимските празници“, го најави Општина Битола новогодишниот новитет што ќе го постави на вака Плоштадот Магнолија за манифестацијата „Зимска приказна“. Општината веќе неколку години со ред ја организира „Зимска приказна“.
Лани на тоа место имаше лизгалиште, за кое тогаш од Општината рекоа дека било по примерот на Виена, а сега паралелите се прават со Варшaва, каде годинава за првпат има кино-проекции на отворено во рамките на божикниот маркет во центарот на градот што трае до 30 декември.
„Ова е прво зимско кино во Македонија. Зимата во Битола годинава добива своја кино-сцена под отворено небо, со светилки над Плоштадот Магнолија, столици под ѕвездите и филмови што се дел од празничната меморија. Кино програмата ќе трае 5 денови од 20-25 декември на Плоштадот Магнолија, а почетокот на проекциите е 17.00 часот. Битола не глуми зимска приказна, таа ја живее“, соопштија од „Зимската приказна“.
На репертоар ќе бидат филмовите: „Сам дома“ 1 и 2, „Елф“, „Гринч“ и „Умри машки“. Организаторите најавија бесплатен влез, седишта за оние кои ќе дојдат по принципот прв дојден-прв услужен.
Изминатите денови мерната станица Битола 2, која е во центарот на градот, близу до Магнолија, информира за надминувања на граничните вредности на ПМ10 честичките во воздухот и дека индексот на квалитет на воздухот е лош. Ланското лизгалиште беше многу посетено од децата, но и тогаш имаше критики дека во одредени денови додека работеше, имаше високи концентрции на загадувачки материи во воздухот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



