Албанската министерка за Европа и надворешни работи Елиса Спиропали денеска во Скопје рече дека Албанија силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската Унија, бидејќи, како што кажа, двете земји делат заедничка иднина, но и поради фактот што во државата живее „државотворен народ“ кој според последниот попис изнесува 33 проценти.
„Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската Унија, затоа што делиме заедничка иднина и затоа што овде живее еден државотворен народ, кој што е 33 проценти според последниот попис“, изјави Спиропали.
На заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, Спиропали кажа дека Македонија со силни институции претставува сигурност за целиот регион. Таа додаде дека европската интеграција е приоритет број еден во надворешната политика на Албанија, каде за 13 месеци се отворени 34 поглавја, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Овој процес не го гледаме како натпревар меѓу земјите кандидатки, туку како пат кој го одиме заеднички, дестинација која е неизбежна и природна припадност на нашите народи“, изјави Спиропали.
Министерот Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања за европскиот пат, рече дека државен интерес е изнаоѓањето решение за спорот со Бугарија. Тој вели дека кај европските институции и земјите членки постои сè поголема свест за специфичноста на македонскиот случај, кој не може да се споредува со ниту еден друг во поновата историја на интеграциите.



