Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието упати апел за постигнување национален консензус околу евроинтеграциските процеси, велејќи дека пречките на овој пат не се само административни, туку лежат во уставните амандмани кои сега претставуваат политички критериум.
Како што кажа, на државата ѝ се потребни јасни гаранции од Европската Унија и од Бугарија за да се обезбеди предвидливост на процесот.
Претседателката зборуваше и за пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, велејќи дека овој настан предизвикал длабока траума кај сите граѓани и ги извадил на површина системските слабости како што се стихијното одлучување, недостигот на системска култура и долготрајната неказнивост. Претседателката рече дека овој случај нè довел до „ѕидот на срамот“ и побара од политичките партии да престанат со секојдневните препукувања за судскиот процес, бидејќи токму преку него ќе се види дали правосудството ќе ја врати или трајно ќе ја изгуби довербата кај јавноста.
Сиљановска-Давкова кажа дека преговорите со Европската унија започнуваат и завршуваат токму со реформите во правосудниот сектор и изрази надеж дека Собранието наскоро ќе го донесе новиот закон за Судски совет, што ќе ѝ овозможи да номинира двајца нови претставници во ова тело.
Покрај правосудните реформи, Сиљановска-Давкова зборуваше и за надворешната политика, правичната застапеност, борбата против фемицидите и заштитата на животната средина, велејќи дека како претседателка е во постојан контакт со граѓаните, вклучително и со успешните поединци и лицата со попреченост.
На годишното обраќање во собраниската сала присуствуваше државниот врв, вклучувајќи го премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, како и претставници на дипломатскиот кор и верските заедници во земјата.



